„Ако политиката на идниот претседател, кој и да е тој, биде поинаква кон Украина, постудена и поштедлива, тогаш мислам дека тие сигнали ќе имаат силно влијание врз текот на војната“, кажа Зеленски на големата годишна конференција за медиуми.
Зеленски оцени дека Доналд Трамп е поинаква личност од Џо Бајден и дека поради тоа ќе има различна политика. Украинскиот претседател сепак се надева дека главните црти на американската политика кон Киев ќе се задржат, пренесува Франс прес.
Американските претседателски избори се одржуваат во ноември следната година, а многу набљудувачи веќе ги сметаат за референдум за продолжување на поддршката на Западот на Украина. Намалувањето на американската поддршка на Киев би можело да влијае и на поддршката на Европската Унија, што „секако нема да има позитивен ефект на Украина“, смета Зеленски.
„Уверен сум дека Соединетите Држави нема да нè предадат, дека ќе се почитува она на што се договоривме“, кажа украинскиот претседател. Прес конференцијата ја одржа неколку дена по враќањето од дипломатската турнеја чија цел беше да се уверат САД и ЕУ да продолжат воено да го поддржуваат Киев.
Тој на патувањето не успеа да добие поддршка од американскиот Конгрес за околу 61 милијарда долари нова помош, ниту ЕУ да го договори пакетот помош за Украина од 50 милијарди евра за четири години.