Горан Пандев ја доби функцијата спортски директор на националните фудбалски селекции, па мора да биде во постојана комуникација со селекторот Милевски.
Првиот состанок меѓу нив се одржа денеска. Отворено се разговарало за сите актуелни теми поврзани со сениорската репрезентација.
„Имавме отворен и пред се искрен разговор. Претседателот на федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација“, изјави селекторот на А репрезентацијата, Благоја Милевски.
Со изјава по состанокот излезе и Горан Пандев.
„Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме да одиме напред кон нови победи. Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици“, вели Горан Пандев.