четврток, 26 декември 2024

Зеленски: Бројот на севернокорејски војници во Курск се зголеми на 11.000

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека 11.000 севернокорејски војници пристигнале во руската област Курск, врз основа на информации од украинските разузнавачки служби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во вечерното обраќање Зеленски рече дека украинските разузнавачки агенции го информирале за движењето на севернокорејските војници и дека жали што западните сојузници не реагирале поцврсто, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Веќе има 11.000 (Севернокорејци) во регионот Курск“, рече Зеленски. „Гледаме зголемување на Севернокорејците, но не и зголемена реакција од нашите партнери. За жал“.

Според проценките на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, бројот на севернокорејски војници префрлени во Русија сега е околу 12.000, вклучувајќи 500 офицери, од кои тројца се генерали.

Пентагон во понеделникот процени дека има 10.000 севернокорејски војници во регионот Курск, кој граничи со Украина.

Вкупниот број на севернокорејски војници во Русија „може да биде поблиску до 11.000-12.000“, изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер на брифинг за новинарите.

Високи американски функционери минатата недела проценија дека во регионот Курск – каде што украинските војници контролираат неколку стотици квадратни километри руска територија од почетокот на копнената офанзива во август – има околу 8.000 севернокорејски војници од вкупно 10.000 во Русија.

Рајдер рече дека Пентагон во овој момент не може да ги потврди извештаите дека севернокорејските војници влегле во борба, но дека на сите севернокорејски сили можеби им биле дадени руски униформи и руска опрема.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин минатата недела изјави дека се очекува војници да бидат распоредени во борба во наредните денови. Тој додаде дека тие ќе станат легитимни воени цели кога ќе влезат на бојното поле.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел, во понеделникот во Сеул се состана со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае Јул. Тие издадоа заедничка изјава во која на „најостар можен начин“ го осудија распоредувањето на севернокорејските војници.

„Ние, исто така, длабоко сме загрижени за можноста за каков било трансфер на технологија поврзана со нуклеарни или балистички ракети (во Северна Кореја), што би ги поткопало меѓународните напори за неширење (на нуклеарно оружје) и ќе ги загрози мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров и низ целиот свет“, се вели во соопштението.

Северна Кореја и Русија не го потврдија распоредувањето на севернокорејските војници, иако тврдат дека нивната воена соработка не го прекршува меѓународното право.

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во Москва се сретна со севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи.

Детали за средбата не беа достапни, а Чое пренесе „искрени, топли, пријателски поздрави“ од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ