среда, 12 март 2025

Здружение на судии: Судискиот мандат да биде воден од мудроста, правичноста и посветеноста на законот

Во секое демократско општество судиите се „чувари“ на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните и гарант на правната сигурност во една земја. Заради тоа Здружението на судии ги охрабрува новоизбраните судии да постапуваат независно, совесно и непристрасно, водејќи се од принципите на владеењето на правото и правичноста. Само со беспрекорна професионалност и чесност ќе ја заслужите довербата на граѓаните и ќе придонесете за унапредување на правосудниот систем, се наведува во денешното соопштение на Здружението на судии

Објавено на

часот

Сподели

„Вашата професионална патека отсега носи голема одговорност, бидејќи вие сте иднината на третата власт и само со личниот и професионален интегритет, имуни на сите општествени влијанија, транспарентни и видливи пред јавноста, можете да допринесете во зајакнувањето на довербата во правниот систем и зајакнувањето на демократските принципи. Нека вашиот судиски мандат биде воден од мудроста, правичноста и цврстата посветеност на законот“, се наведува во соопштението на Здружението на судии.

Воедно, здружението го поздравува потегот на членовите на Судскиот совет, „кои и покрај сите политички случувања, беа доследни и професионални во нивната работа и со изборот на нови судии го намалија недостигот на судии во системот кој во последните години макотрпно се справува со приливот на предмети и недостигот на стручен и професионален кадар“.

„Со тоа дадоа и свој допринос во исполнување на роковите дадени од Европската комисија за унапредување на Судскиот систем, од кои реформи зависи и финансиската поддршка од ЕУ во износ од околу 800 милиони евра за земјата“, велат од Здружението на судии.

Здружението на судии упатува апел до новоизбраните, но и до сите актуелни судии, дека само обединети, професионални и независни може да ги остварат целите на дадената судиска заклетва, а тоа е да ги штитат правата и слободите на граѓаните во чие име постапуваат и носат пресуди.

„Заради тоа Здружението ги повикува новоизбраните судии, да се приклучат на нашата организација и со нови идеи и препораки да допринесат во унапредување на соработката со извршната и законодавната власт, Меѓународните организации во земјата, невладиниот сектор, медиумите и академската заедница како клучни фактори во градење на јавното мислење и довербата на граѓаните во системот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ