Активисти на Здрава околина пред 15 дена протестираа пред Општина Ново Село против издадената дозвола за градба на леарница во непосредна близина на реката и на првите куќи од селото.
2Нашите активисти се одзваа на поканите во полицијата каде им беше љубезно објаснето дека реално нема кривично дело, туку дека мора да постапат и се повикани поради пишување јавни објави на Фејсбук, пишување регуларни коментари, едноставно споделување на напишани објави и поставување (незгодни и логични) прашања за градоначалникот.
Тој пак во кривичните пријави ги пријавил за да бидат третирани за загрозување на личната безбедност и уривање на општествен поредок. Замислете градоначалникот на Ново Село бара полицијата да ги сомничи активистите како некакви антидржавни елементи или терористи. Еден активист пак е кривично пријавен од инвеститорот за неовластено снимање со дрон на леарницата и јавна објава без никакви докази.
Оти во светот на инвеститорот леарницата не смее да се снима, не смее да има градежна табла, не смее да има градежна дозвола, не смее да има елаборат за заштита на животна средина, не смее да подлежи на Архуска конвенција… Кој прашува макар за конфликт на интереси, трансакции, криминални градежни дозволи веднаш станува терорист во очите на градоначалникот и клиентот на фирмата на татко му.
Разбравме дека кривичните пријави се направени под притисок на новоназначен понизок полициски функционер во Струмица (сват на инвеститорот на леарницата) и можеби со премолчен благослов од некои нови локални шерифи и нивни заменици во Струмичкиот регион.
Пораките се наводно да не чепкаме таму, да ја оставиме топилницата да се изгради и дека сме нагазиле на опасна мина што можело сите да не разнесе. Оти никако не сме смееле да ја запреме изградбата на објектот…
Еве јавно и директно да им одговориме на градоначалникот и инвеститорот:
Ни пуштивте кривични пријави, а сега ние сме на ред. Најавуваме серија кривични пријави, но ни приближно фалични како вашите! Со документите од свиркачите повеќе немате никаков излез…
Најавуваме серија објави со информации за секакви интересни случувања и факти за да можат да разберат граѓаните какви мрежи се плетат во Струмичкиот регион!
Најавуваме нови протести против градоначалникот на Ново Село и леарницата што забрзано се гради, а за која се уште се кријат документите, дозволите, елаборатите, градежните табли!
Се уште не сме сигурни, но почнавме да размислуваме и за протести пред импровизираните канцеларии на новите локални шерифи во Струмица доколку излезе дека ги штитат на градоначалникот и инвеститорот на леарницата.
Затоа превентивно им укажуваме на централната власт, за она што ветија правда, промена и нулта толеранција за криминалот, да се запрашаат што се случува во општина Ново Село, зошто се случува и дали е потребно граѓаните да протестираат во Струмица за изградба на леарница во Ново Село?!
Она што е сигурно е дека токму индивидуалните поединци и структури во двете политички партии што заговараат изградба на рудници и топилници во Струмичко ќе бидат разнесени од медиумски отскочни мини непосредно пред локалните избори во 2025. Ќе ги изложиме јавно нивните криминални шеми, и ги повикуваме самите партии да си ги соберат на благовремено превоспитување. За некои од тие индивидуалци сепак е предоцна и тие веќе се зрели за подолг престој во Идризово.
Градоначалнику на општина Ново Село, што и да правиш, никакви шерифи повеќе нема да можат да те заштитат поради мноштвото мрачни зделки, јавашлукот и злобата! А за последните клевети за пожарот што ги шириш посебно ќе те разобличиме во следните објави.
Биди сигурен и спокоен дека ни рудници ни леарници нема да има“, се вели во реакцијата на Здрава котлина.