сабота, 27 јули 2024
По инаугурацијата

Зборот „Северна“ беше заборавен од самата држава, a се изнафрлаа со фалби и „дрва и камења“ по Сиљановска Давкова

Некој ја фали одлуката на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова да не го изговори зборот „Северна“ во свечената заклетва, други остро ја критикуваат. Но, во Изборниот законик пишува само Република Македонија иако неговите измени се донесени пред два месеци. Која е одговорноста на Министерството за правда, а која на пратениците и особено на Законодавно правната комисија на Собранието, бидејќи намерно или ненамерно им се протна старото име на државата? Професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева во изјава за МКД.мк вели дека Сиљановска Давкова постапи онака како што тоа го налага Изборниот законик. Поинаку, вели, и не може.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Денот на инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе бројни реакции како од Грција и од Европската Унија, денеска и од Бугарија, така и во домашната политичка јавност со силен интензитет. Причината за тоа не беше нејзиното обраќање во парламентот, ниту преземањето на должност во Вила Водно, туку само зборот „северна“ кој новата претседателката не го изговори иако од страна на претседателот на Собранието Јован Митрески беше кажан во рамки на текстот на свечената изјава кој таа требаше да го повторува по него.

Но, во Изборниот законик зборот „северна“ не постои! Иако Изборниот законик датира од март годинава!

Во Изборниот законик, чиј пречистен текст е донесен, како што веќе наведовме, во март 2024 година, во делот за прогласување на претседател на државата по одржани претседателски избори, членот 123 ја регулира свечената изјава која во Собранието треба да ја даде новиот шеф на државата. Буквално во тој член пишува вака:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија”.

МКД.мк пред вториот круг на изборите во еден текст го цитираше до збор овој член во кој не е наведен зборот „северна“. Реакција тоа не предизвика во подготовката на свечениот чин.

Професорката по Уставно право и политички систем проф. д-р Тања Каракамишева синоќа на својот фејсбук – профил напиша:

„Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката на Македонија, проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова требаше да го каже во својата заклетва, и го кажа“.

Фото: Фејсбук

МКД.мк ја праша професорката Каракамишева дали станува збор за грешка или превид во Изборниот законик каде зборот „Северна“ не фигурира во текстот на свечената изјава и каде треба да се бара „проблемот“.

„Дали некој направил грешка или превид во врска со измените и дополнувањата на Изборниот законик, чиј пречистен текст е објавен во март 2024 година, тоа треба да го одговарат тие што биле задолжени во неговата подготовка во Министерството за правда. И тоа прашање секако не се однесува на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Прашањето на свечената заклетва го регулира Изборниот законик“, ни изјави Каракамишева.

На нашето прашање дали е точно дека ниту во Уставот ниту во друг закон, освен во Изборниот законик не е наведен текстот на свечената изјава, ниту пак дека треба таа свечена изјава да биде прилагодена на Преспанскиот договор, Каракамишева дава потврден одговор и додава.

„Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го испочитува Изборниот законик, со оглед на тоа како е дефинирана свечената изјава во Изборниот законик. И таа секако ќе го почитува Уставот, но нагласувам, Уставот не ја уредува оваа материја“, вели Каракамишева за МКД.мк.

На прашањето дека сепак изјавата претседателката Сиљановска Давкова  ја потпишала како што ѝ беше доставена, Каракамишева вели дека не го видела текстот на потпишаната изјава, но дека според тоа што го јавија медиумите, е потпишана со името Република Северна Македонија.

„Сепак, нејзината изјава беше дадена во согласност со Изборниот законик иако рече само Македонија. Но тоа е можеби сторено со намера имајќи го предвид сензибилитетот на прашањето за името“, вели професорката.

Останува неодговорено прашањето од каде претседателот на Собранието Јован Митрески го црпеше текстот на свечената изјава во која тој го наведе и зборот „северна“.

Од друга страна, пак, што се однесува до министерот за правда Кренар Лога, кој вчера изјави дека испуштањето на уставното име ја прави ништовна свечената изјава, останува да одговори дали и текстот на Изборниот законик е ништовен, имајќи предвид дека токму таму не е наведен зборот „северна“.

Но, како и да е, Изборниот законик во последниве години е осум пати менуван и дополнуван и никогаш не е додаден зборот „Северна“!

Фото: П.Џ.

Останува дилемата како тогаш Изборниот законик поминувал во Законодавно правната комисија во Собранието? Никој од пратениците не забележал или не сакал да забележи дека во целиот текст на Изборниот законик фигурира старото име –  Република Македонија. Тоа се чини е уште една потврда дека пратениците ретко ги читаат целите законски текстови кои потоа треба да ги изгласаат, како што ги изгласале,  како и што го изгласале Изборниот законик, неговиот најнов, пречистен текст од март 2024 година каде и во свечената заклетва, и секаде, пишува Република Македонија.

Законодавно-правната комисија, според својата надлежност, има законска обврска да ги усогласи сите закони со Уставот. Поточно, според Законот за спроведување на уставните амандмани, во член 2, став 1 е наведено дека новото име на државата во прописите и другите акти на државните органите се применуваат од денот на стапување во сила на овој закон. Колку време поминало оттогаш не е тешко да се каже.

Со други зборови, пратениците, кои практично заедно со своите партии, беа носечкиот дел од подготовката на измените на Изборниот законик, на текстот на законикот му дале „виза“ со името Република Македонија, а потоа на пленарна седница со цело мнозинство во март годинава е донесен Изборниот законик, односно неговиот пречистен текст.

Дека измените не беа само „технички“, треба текстот на Изборниот законик да се прочита до крај. Таму е наведено дека на овие двојни избори кои се веќе зад нас, право на глас ќе имаат и граѓаните со лични документи со истечен рок на важност. И само тука и на неколку други места, кога се наведува Службен весник, е наведено дека текстот се објавува во Службен весник на РСМ (Република Северна Македонија). Но, новото уставно име на државата го нема во членовите на Изборниот закони.

Професорката Каролина Ристова Астеруд има толкување за одлуката на нејзината колешка, а сега претседателка на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.

„Со оглед на тоа дека целата работа и договор за промена на уставното име е навистина болна и контроверзна работа за огромен дел од граѓанството, особено и заради начинот како се истера и се тера на домашен терен (сосе и од аспект на Устав и закони), дополнителна сол на раната, нешто за што сите сме свесни, мислам дека новоизбраната претседателка сакала да стави некаков симболичен мевлем на раната, и на својата, и на другите, колку и да е само во еден катарзичен момент од морален аспект, како и свечен чин, или токму заради тоа. Од правен аспект неа и е јасно дека меѓународните договори мора да се почитуваат, ни помалку, но ниту повеќе од тоа што налагаат, секако, се додека важат. Сосема друго се политички проекти за да се сменат или раскинат, тоа е правно легитимно, но, секако, сосема друго е дали тоа е политички опортуно и корисно за Македонија во овој момент, за што очигледно сите може да имаме различни мислења“, вели Ристова Астеруд.

И професорката Билјана Ванковска, така речи до вчера противкандидатка на Гордана Сиљановска Давкова, има своја реакција, но и порака да се оди и похрабро во контекcтот на името на државата.

„Убаво што не спомнала Северна, ама мене ме жеже и пече она Северна на сите документи, патокази, дипломи, печати…  Не е Сирма војвода таа што својот проблем ќе го реши, додека цел народ стенка од него. Ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина“, порача Ваковска.

Коментари и анализи во врска со вчерашната инаугурација бездруго допрва ќе се прават. Но, веројатно и со секоја нова изјава на новите власти во која ќе се користи или не уставното име. А Изборниот законик е само пример дека големите промени предизвикани со Преспанскиот договор не се лесни и дека ќе носат нови бранувања. Што од нестручност, што од намера или ненамера. Проблемот со промената на пасошите и другите лични документи беше најсвежиот пример кој се удри врз грбот на граѓаните, како материјално, така и со ограничување на слободата на движењето и други права.

Преспанскиот договор и натаму останува тежок предизвик, двојно обременет со договорот со Бугарија.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ