среда, 26 февруари 2025

Започна тргувањето во евра на Македонската берза на електрична енергија

На Македонската берза на електрична енергија од денеска официјално започна тргувањето во евра, како еден од клучните аспекти за успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар, информираат од Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО.

Објавено на

часот

Сподели

„До сега тргувањето на домашната берза на електрична енергија се реализираше во денари. Од денеска за сите 37 компании кои тргуваат на пазарот ден однапред, се воведува еврото како валута. На тој начин се отвора патот за пазарно спојување познато како „маркет каплинг“ (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија, што е исто така приоритет на кој посветено се работи за следните две години, заедно со можноста за воведување на интрадневен пазар на електрична енергија“, истакна управителот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски.

Тој на денешниот состанок ја поздрави успешната имплементација на иницијативата на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија и истакна дека улогата на одборот е од голема важност за унапредување на работата на пазарот ден однапред, воведување нови производи, модернизирање и следење на светските трендови во овој домен.

Претседавачот со одборот, Xристина Давидовска од Енерџи Фајненсинг- ТИМ ДООЕЛ Скопје, рече дека и понатаму ќе се работи и ќе се следат новитетите кои се од голема важност за унапредување на работата на домашната берза и осовременување на можностите за тргување со електрична енергија.

„На последниот состанок на одборот, заклучивме дека процесот на тргување со евра треба да стартува во првиот квартал на 2025 година и тоа од денеска е реализирано. Заедно со стручните тимови во МЕМО разговаравме за идните планови поврзани со пазарното спојување со единствениот европски пазар – маркет каплинг, воведувањето на интрадневен пазар и веруваме дека ќе бидат реализирани во предвидениот рок“, рече Давидовска.

Членови на одборот на Организираниот пазар на електрична енергија се и Атанас Настев од ГЕН-И, Виктор Делов од Данске Комодитис ДООЕЛ Скопје, Никола Ушинов – ЕВН Македонија, Антонио Ивановски – АД ЕСМ Скопје, Наташа Дограмаџиева-Манева – Енерџи Актив ДООЕЛ Скопје, Љупчо Најдов – Рењувабал Енерџи Суплај РЕС ДОО Скопје, Драган Наумовски- ТЕ-ТО АД Скопје, Иоанис Панагиотопоулис и Владимир Шошолчев – Дуферко МК ДОО Скопје, кои воедно се и учесници на Македонската берза на електрична енергија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ