„Почитувани соборјани, почитувани почитувачи, нека ни е за многу години. По втор пат сме овде и по втор пат почнуваме од ова место како носители на Светското културно наследство од влегувањето на орото во УНЕСКО. Со оваа полчасовна програма ја отпочнуваме прославата во чии рамки е предвиден јубилеен концерт. Концертот ќе се одржи на 27.11.2024 и на истата програма и концерт ве поканувам сите драмчани и сите кои ја почитуваат Копачката“, истакна претседателката на Копачка Перса Стојановска.
Концертот на фолклорната група Копачка од село Драмче, делчевско беше во рамки на одбележувањето на празникот Покров на Пресвета Богородица. Секоја година на овој датум кај месноста Јазова Чука жителите од ова село и околните места се собираат на заеднички ручек и општо-народна веселба.
„Се наоѓаме на Јазова Чука како што ветивме лани дека ќе се ангажираме се повеќе за овој празник така и се случи. Поради забраната за движење во шума не успеавме се да завршиме, но по празникот за наредната година ќе го доуредиме патот до таканаречените Свети Води. Имаме помош од Општина М.Каменица која ни го расчисти патот до самата месност. За жал од Делчево не се изборивме за машина за патот и го направија патот и до старото ,,џаде” за Каменица и Делчево“, истакна Љупчо Димитровски од месната заедница во Драмче.
Месната заедница со поддршка на помагатели за денешниот ден подготви ручек за околу 500 присутни соборјани, кои на празникот дојдоа од делчевско, каменичко но и од други места во државата.
За време на прославата, сите заеднички го одиграа орото Копачка со што докажаа дека орото е живо оро, што е еден од основните предуслови орото да биде дел од репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на УНЕСКО.