Според информациите од Царината, телефоните биле најдени кај двајца косовски државјани со патни исправи од Србија. Тие изјавиле дека телефоните биле набавени од Дубаи и дека требало да завршат на косовскиот пазар.
Телефоните биле спакувани во четири патни торби и во една хартиена кеса, додека кутиите и батериите за телефоните се претпоставува дека биле транспортирани на друг начин.
Царината проценила дека вредноста на телефоните е околу 60.000 долари, а во малопродажба цената би достигнала повеќе од 100.000 американски долари.
„По документирањето на целиот настан, ќе се поведе прекршочна постапка и доколку во неа се утврди дека е така, се изрекуваат глоба и мерка одземање на апаратите. Бидејќи се работи за странски државјани, постапката мора да се заврши за неколку дена, а доколку се одземат телефоните, со нив понатаму ќе располага Агенцијата за конфискување имот“, изјави денеска Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа.