петок, 20 декември 2024

Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди, како што тоа често го правеше во минатото, дека спорот меѓу соседите од Западен Балкан не треба да го засени пристапниот процес. Тоа важи и за земји-членки на ЕУ чии билатерални проблеми со поединечни земји-кандидати влијаат на процесот во целина. Веројатно притоа се мисли на Бугарија, која, од различни културно-историски причини, има проблем со кандидатот за членство Северна Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Многу пријателски зборови, но без конкретни датуми за можен пристап во Унијата. На самитот на државите од Западен Балкан и ЕУ се измешаа фрустрации и уверувања.

Од еден самит на ЕУ во Солун во 2003 година, Унијата која сега веќе брои 27 земји-членки, ја повторува истата мантра – дека државите од Западен Балкан, кои произлегоа од распадот на Југославија, како и Албанија, припаѓаат на Европа и треба да бидат примени во клубот. Само Хрватска го направи таквиот скок во 2013 година. Останатите шест – Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија – се стремат веќе многу години во различни фази од долгиот претпристапен процес кон конкретен датум за членство.

„Сега мора со сосема ново темпо да го завршиме овој процес за изгледите за пристапување да се претворат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц во Брисел, каде, како и секоја година, се одржа самитот ЕУ-Западен Балкан. Шолц не го кажува ова за првпат – и пред две години зборуваше за темпо и забрзување.

Расте нетрпението

Од гледна точка на многу политичари од Западен Балкан, во евроинтеграциите не се има многу поместено. Еди Рама, премиерот на Албанија, пристапниот процес наизменично го нарекува нефер или невротичен. Албанецот дури и смета дека е лицемерно што Украина – и покрај неа и Молдавија – во брзо темпо го минуваат процесот на пристапување само за да се испрати геополитичка порака во борбата против рускиот агресор. Еди Рама своите надежи ги полага во новиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас од Естонија, и смета дека таа дефинитивно ќе се залага за Западен Балкан, бидејќи и таа самата пораснала во комунистичка диктатура, се борела за слобода и конечно влегла во ЕУ. Според албанскиот премиер, Западен Балкан поминал низ сличен процес. Еди Рама воодушевено ѝ поласка на поранешната шефица на владата на Естонија по нивната прва средба на нејзината нова функција. „Ви благодариме за пријателската насмевка во здодевното сиво време утрово во Брисел“, рече Рама.

Не се сите во ЕУ на иста линија

Ставовите во Европската Унија за тоа која држава од Западен Балкан колку брзо треба да биде примена, во голема мера варираат. Австрија, која одржува блиски историски врски со Балканот, формираше „група пријатели“ за шесте кандидати. Во други земји кои се географски подалеку, како Ирска или Шпанија, амбициите не се толку големи. Шпанија, како и други земји од ЕУ, сè уште не го ни признала Косово како држава.

Србија и натаму го смета Косово за отцепена покраина. Таквиот спор меѓу Србија и Косово не е близу до решение и покрај напорите на ЕУ за посредување. Напротив, делумно насилни судири и терористички напади дополнително ги оптоваруваат односите меѓу Косово и Србија. Тие исто така го блокираат напредокот во процесот на пристапување.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на самитот во Брисел опширно се жалеше дека на Србија ѝ се признава напредок, иако во надворешната политика е поврзана со Русија. Косово, од друга страна, вели таа, ги исполнило сите реформи и барања на ЕУ и секако ја поддржува политиката на ЕУ за Украина. „Ние сме најпријателската земја во однос на Европа во цел свет, но нашата апликација за членство исчезна во некоја фиока во Брисел“, рече Османи.

Меѓусебни проблеми

Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди, како што тоа често го правеше во минатото, дека спорот меѓу соседите од Западен Балкан не треба да го засени пристапниот процес. Тоа важи и за земји-членки на ЕУ чии билатерални проблеми со поединечни земји-кандидати влијаат на процесот во целина. Веројатно притоа се мисли на Бугарија, која, од различни културно-историски причини, има проблем со кандидатот за членство Северна Македонија. Но, овие проблеми не беа споменати на самитот, туку прикриени со општата декларација дека Западен Балкан ќе припаѓа на ЕУ. Впрочем, процесот на пристапување зависи од перформансите на оние кои сакаат да се приклучат. Секоја земја се оценува индивидуално и независно од нејзините соседи. Затоа, според Комисијата на ЕУ, нема поврзување на пристапите.

Црна Гора на прагот?

На тоа се надева најмалиот од кандидатите за пристап, Црна Гора со нејзините – само – 670 илјади жители. Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ на самитот рече дека неговата земја ги затворила сите преговарачки поглавја и дека со години веќе е подготвена да се приклучи. „Ние сме најнапред и би сакале да станеме 28-та земја-членка на ЕУ. Тоа би било јасен сигнал и за другите апликанти дека пристапниот процес сѐ уште е жив“, рече Милатовиќ.

Но, ниту тој не доби конкретно ветување. Новиот ЕУ-претставник за надворешна политика, Каја Калас, едноставно рече дека сака да постигне вистински напредок во рамките на нејзиниот мандат во следните пет години. По рускиот напад врз Украина од пред речиси три години, ЕУ беше потресена. Западен Балкан одеднаш стана поважен како бедем против руското влијание. „Проширувањето на ЕУ е важно за безбедноста во цела Европа“, оцени претседателот на Црна Гора.

Барем тоа сега го разбраа во земјите на ЕУ. За да се врзе Западен Балкан посилно кон Унијата, која и онака веќе е најважниот трговски партнер за регионот, треба да се договори „план за раст на Западниот Балкан“. Планот треба да обезбеди инвестиции во инфраструктурата и работни места во регионот.

Нема датуми

Поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, зборуваше за 2030 година како година во која треба да се случат следните пристапувања. Неговиот наследник на функцијата, Антонио Кошта, не го повтори тоа. „Самитот не се однесуваше на деталите за проширувањето“, изјави Кошта и додаде дека станало збор повеќе за големата стратешка слика. „Ја видовме фрустрацијата во регионот. Но, сега има нов моментум“, вели Кошта.

Пред да се преземат конкретни чекори, Европската Унија мора прво самата да се подготви за прием на нови членки, постојано предупредуваат дипломатите на ЕУ. Процедурите и институциите за гласање се премногу бавни и незгодни за заедница со 33 земји-членки или дури и само со големата Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон со години бара реформи, но малку се има променето. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека наскоро ќе излезе со предлог. Дали повторно ќе го гледаме истото на следниот самит на ЕУ-Западен Балкан во декември 2025 година?

 Бернд Ригерт, Дојче веле 

(Бернд Ригерт – дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ