Средбата беше во организација на црногорското Врховно државно обвинителство и Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан.
„Кога станува збор за борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои ги разјадуваат општествените ткива на нашите држави, предизвиците не се ниту малку на број, ниту пак лесни за справување“, кажал Коцевски, како што е наведено во соопштемнието од македонското обвинителство.
Тој посочил на недостиг на материјални и кадровски ресурси, но и на законските измени со кои се ограничуваат директните механизми за справување со корупцијата, преку намалување на санкциите, а со тоа и на роковите за застареност на најважните коруптивни кривични дела..
Меѓу напорите кои македонското обвинителство ги вложува во овие области, тој ги наведе истражните центри во скопското, тетовското и кумановското обвинителство, како и во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, јакнењето на капацитетите за финансиски истраги, плановите за дигитализација и за јакнење на транспарентноста на обвинителското постапување.
„Меѓутоа, и покрај сите овие напори тешко би дошле до вистински резултати во борбата против организираниот криминал без ефикасна меѓусебна соработка. Сторителите на кривични дела лесно ги прошируваат и префрлаат своите дејствија од една во друга држава со што се обидуваат да го избегнат кривичниот прогон. Наша обврска како истражни органи е да им застанеме на патот, а најефикасно оружје за таа цел е нашата меѓусебна координација. Како јавни обвинителства имаме обврска да ги негуваме и дополнително да ги развиваме можностите во оваа насока, особено во нашиот регион“, кажал Коцевски.
Во Будва Коцевски имал одвоени средби со претседателот на Европравда, Ладислав Хамран, како и со црногорскиот врховен државен обвинител, Милорад Марковиќ.
Инаку, поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) своевремено учествуваше на овие средби во Будва и беше посочувано како добро организирано, екипирано и опремено специјално обвинителство со тогаш најдобра во регионот комуникација со медиумите.