среда, 2 октомври 2024

Зајкова распуштила 4 општински организации на ЛДП, овие бараат нејзина одговорност

Општинските организации на ЛДП во Аеродром, Прилеп, Кисела Вода и Центар се распуштени со одлука на раководството на Либерално-демократската партија. За општинските организации ова е нестатутарно решение и бараат одржување на Собрание на ЛДП за разгледување на ваквите потези на претседателката Моника Зајкова.

 

Објавено на

часот

Сподели

Од општинските организации велат дека на Централен одбор и на Собранието на ЛДП требаше да се расправа за понесување одговорност на претседателката и генералниот секретар на партијата за неуспехот на последните парламентарни избори, но раководството смета дека за изборниот пораз одговорни се претседатели и раководства на некои општински организации.

Во жалбата поднесена до Собранието и до ЦО на ЛДП, претседателите на општинските организации во Аеродром Андреј Крстевски, во Кисела Вода Томица Николовски, Прилеп Јане Станкоски и во Центар Александар Мишев, тие велат дека станува збор за самоволие и тврдат дека распуштањето е спротивно Статутот на партијата.

„Сметаме дека оваа одлука е донесена тендециозно, со цел елиминирање на поединци, членови од поедини општински огранизации или цели општински организации кои не се согласуваат со политиките на сегашното раководство. Таквиот начин на отстранување на членовите на партијата кои не се согласуваат со политиките на актуелното раководство, не е ниту демократски ниту либерален начин на водење на партијата и наликува на тоталирарни и антидемократски партии, а не модерни европски партии“, се вели во жалбата поднесена до Собранието и ЦО на ЛДП.

Членството на ЛДП веќе подолг период реагира на немањето комуникација со претседателката и генералниот секретар и на нивното самоволие. Тие велат дека Зајкова, единствената пратеничка на ЛДП, отворено работи на приближување кон пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Распуштените ограноци на ЛДП очекуваат свикување на Собрание на ЛДП, а ако тоа не се случи ќе бараат и од другите општински организации свикување на вонреден конгрес, дефинирање на нови програмски определби и промени во раководството на партијата.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ