петок, 7 март 2025

Захарова: Неприфатлив е предлогот на Париз и Киев за привремен прекин на огнот во Украина

Министерството за надворешни работи на Русија денес оцени дека привремен прекин на огнот во Украина, кој го предложија Париз и Киев, би бил „апсолутно неприфатлив“ ако војната потоа продолжи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Неопходни се цврсти договори за конечно решение“, кажа портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова, оценувајќи дека секаков облик на кратка пауза кој ќе овозможи реорганизација на силите е „апсолутно неприфатлив, бидејќи ќе доведе до сосема спротивен резултат“.

Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата предложи идеја за едномесечно примирје кое би се однесувало на воздухот, морето и енергетската инфраструктура на Украина.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски во вторникот предложи ослободување на заробениците и примирје во воздух и на море како први чекори кон окончување на конфликтот.

Захарова на прес-конференција кажа дека Украинците „бараат одмор“ за својата војска.

Украина, според неа, би го искористила примирјето за „јакнење на своите воени капацитети“, а во „тоа сценарио конфликтот неизбежно повторно би се разгорел“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп повикува на итен прекин на огнот, а неодамна се дистанцираше од својот украински сојузник за да се обиде да преговара со Москва.

Трамп минатата недела кажа дека Зеленски „не е спремен за мир“ и дека е „неблагодарен за американската воена помош“, но подоцна малку го смири тонот.

Украина од своите сојузници бара цврсти гаранции за безбедноста за да се спречи „повторен руски напад“.

Русија, од друга страна, инсистира на демилитаризација на Украина и отстапување на анектираните територии, што Киев го смета за неприфатливо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ