Овој невообичаено отворен истап доаѓа во момент кога Киев се обидува да ги поправи врските со Вашингтон по состанокот во Белата куќа меѓу Володимир Зеленски и Доналд Трамп. Генералот Залужни минатата година беше сменет од позицијата шеф на украинската војска и многумина го гледаат како противкандидат на Зеленски на претседателските избори.
„Не станува збор само за „оската на злото“ и Русија кои се обидуваат да го ревидираат светскиот поредок, туку и Соединетите Американски Држави го уништуваат овој поредок“, оцени Залужни, зборувајќи на панел на британската аналитичка група Четам хаус. Тој тврди дека американската влада „го довела во прашање“ единството на западниот свет.
„Сега Вашингтон се обидува да ги делегира безбедносните прашања на Европа“, смета тој.
Залужни фрли сомнеж во иднината на НАТО пактот. „Можеме да кажеме дека во блиска иднина и НАТО би можело да престане да постои. Гледаме дека сега Белата куќа презема чекори кон Кремљ, обидувајќи се да им излезе во пресрет, така што следната мета на Русија би можела да биде Европа“, истакна украинскиот генерал.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да ги ублажи тензиите со администрацијата на Трамп. Тој призна дека минатонеделната средба во Белата куќа „не помина така како што требаше“, и истакна дека Киев е спремен да преговара за окончување на конфликтот.