Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинскиот превој Маврово. На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за тешки товарни возила во правец село Лисец – Попова Шапка, а за останатите возила задолжително користење зимска опрема односно ланци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ЈП Македонијапат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата по обилните врнежи во западните и источните предели. Како што соопштува јавното претпријатие, исто така на располагање се и фирмите со кои тие соработуваат, за навремено да се справат со снежните наноси.
На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
Сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива непречено, по една коловозна лента. Од страна на граѓани е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од КЈП Водовод Кочани, но не и возила од други општини.
ЈП Македонијапат и АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.