„Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места“, рече денеска Битиќи на свеченоста што се одржа по повод 151 година од основањето на Македонски железници.
Битиќи посочи дека либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава, а спомена и дека треба Македонија да ја искористи својата стратешка локација на Балканот.
Стратешка сигурно беше позицијата на Македонија и во „турско“ време кога се поврзуваа големите центри на истокот со западот, би додале ние.
А, Битиќи споменува дека стратешката локација со модерната пруга што еден ден ќе се изгради ќе нè поврзува со грчкото пристаниште во Пиреја.
Тоа тој мисли на товарните возови. А, во трите децении наназад во независна Македонија исчезнаа редовните патнички линии кои тогашната социјалистичка Македонија преку директните возови од Скопје и Битола ја поврзуваа со Атина, Минхен и Париз, а со „преседнување“ во Белград и со Будимешта, Прага, Варшава и Москва. Композициите имаа и спални вагони, кушет коли, вагон-ресторани…
Во внатрешниот сообраќај Македонија имаше редовни патнички и брзи возови и еден посебен воз – Пелагонија експрес, кој за 2 часа и 20 минути возеше од Битола до Скопје и обратно, како деловен воз, во кој стјуардеси послужуваа чај-кафе и сок.
Денес патува со воз кој мора со ризик да задоцни со часови или ако се расипе возот патниците да бидат преземени со автобус.
Кон крајот на минатата година само на еден воз на ден беше редуциран железничкиот сообраќај Скопје – Битола. А, кога се расипа локомотивата, речиси две недели не возеше возот зашто локомотивата се поправаше. Или кога попушти мост, па товарот на компаниите одеше „пеш“ со камиони.
Денес пак, повторно се разговара за железничко поврзување со Бугарија и со Албанија, две држави со кои граничиме. Со две од пет држави со кои граничиме немаме пруга, со три од две Македонија нема автопат!
И се потпиша договор со Србија за изградба на брза пруга која ќе води до Скопје, а другиот крак до Скопскиот аеродром. А потоа треба да се гради кон јужната граница.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Зоран Трифуновски, денеска изјави дека железницата останува главен двигател за транспорт и развој, поради што фокусот е на инвестициите.
Долговите на железницата се посебна приказна за која неволно се раскажува.
Трифуновски вели дека поврзувањето со Бугарија е планирано со зачленување во ЕУ до 2030 година!
Блиска ли е таа година и ветувачка ли е кога многу работи се изнаслушавме изминатите години во врска со евроинтеграцискиот пат на Македонија? Од реформи до уставни измени…
2008 година беше предвидена за влез во НАТО, а „возот“ задоцни 10 години. Сега гледаме и дека пруга ќе нè води до Брисел за да се стаса во 2030 година. Без задоцнување е прогнозата…
П.Џ.