Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека Секретаријатот за европски прашања активно ќе учествува во работната група, но до вчера попладне не беше соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во работната група експерт требаше да номинира и Министерството за надворешни работи.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување во ЕУ и за оти за него беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда.
„Во државата имаме два концепти – едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на ЕУ и имаме втора група на политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, коие се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека „подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек, туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки што ќе обезбедат европска иднина на сегашната и на идните генерации“.
„Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија и оди низ процедурите што важат за уставни измени“, рече Ковачевски.
Тој потсети дека ова не се последни уставни измени, бидејќи, нагласи и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени кога се даваат дел од надлежностите на Европската Унија како што тоа го направила секоја држава.
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека нема да се дозволи влез на Бугарите во Уставот како дел од ваквата, актуелната Преамбула на Уставот. Тој посочи дека во делот на формирањето на работните групи се прави целосно кршење на правото и Уставот.
„Уставот е јасен, прво треба да имате одлука на Собранието со две третини за промена на Уставот, па се формира уставна комисија во рамки на Собранието, а не работна група, која подготвува нацрт промени кои поминуваат со 61 пратеник и тој текст потоа оди на јавна дебата и на крај поминува со две третини. Од власта не сакаат да ја почитуваат процедурата и се тераат наопаку и во такви измислени работни групи ние нема да учествуваме ни од правни ни од политички причини“, рече Николоски.
Потпретседателот Николоски посочи дека партијата даде предлози. Прв, да се оди на брзи предвремени избори и да се направи консензус по национален, политички и економски столб и врз чии основи ќе се оди кон преговори со ЕУ. Второ, тој посочи дека партијата понуди хрватски модел спомнат од самата Влада.
„И кога рековме ајде да ја препишеме хрватската преамбула, власта рече дека не сака да ја препише. Зошто? Бидејќи доколку се прифати нашиот предлог национална држава на Македонците и малцинствата кои живеат во неа ќе биде јасно каква држава е Македонија. Доколку се прифати предлогот на СДСМ и ДУИ Македонците ќе бидат израмнети со Бугарите, бидејќи сега малцинствата се како дел од народи, тоа е спротивно на историјата и реалноста и паѓаат во вода одлуките на АСНОМ, формирањето на македонската држава“, објасни Николоски.