МВР денеска соопшти дека петмината приведени имаат врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Девојчето исчезна на 27 ноември, а Панче на 24 ноември. Телото на Вања е пронајдено во околината на Скопје, а телото на Панче во околината на Велес.
Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е користољубие. Според обвинителот, сите осомничени се Македонци.
За Жежовски велешани велат дека бил витален, дека немал никакви здравствени проблеми и бил познат по својата професија, фризер и како кандидат за градоначалник од партијата Единствена Македонија. Тој живеел сам.
Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска пријавил во полиција дека неговата малолетна ќерка е исчезната. На 27 ноември во 11 часот во ПС за општа надлежност Центар од страна на таткото е пријавено дека на 27 ноември во 7.27 часот неговата малолетна ќерка веќе излегла од станот којшто е на улица „Наум Наумовски – Борче“ и се упатила до ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Денеска МВР објави дека Вања околу 10 часот истиот ден кога била киднапирана била убиена.