„Дека преговарачката рамка не може да се смени, тоа сме го знаеле и порано. Истото неколкупати е повторено на сите високи средби во Брисел и пошироко. Нашето инсистирање не е на конкретно решение, туку на дебилатеризација на понтамошниот процес на пристапување во ЕУ. Секое решение коешто ние ќе сметаме дека го обезбедува процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо. Тие решенија што значат точно, кои се техникалиите, формулациите… тоа останува да се решава низ процес на преговори. Меѓутоа нашата позиција е да се заштитиме од понатамошни блокади“, кажа Муртезани прашан која е тактиката или планот на Владата по пораките од Брисел дека уставни измени со одложено дејство се незамисливо сценарио исто како и промената на преговарачката рамка за земјава.
Прашан дали ова значи дека се бара форма на гаранции кои би се добиле од страна на Бугарија дека нема понатаму да се отвараат билатерални прашања во рамки на евроинтегративниот процес, тој потенцира дека фокусот е на тоа да се обезбеди финализација на тој процес.
„Дали ќе бидат гаранциите од страна на соседна Бугарија од некоја институција или ние тоа ќе го направиме билатерално, или која ќе биде формата, не е толку битно, колку што е суштината. Ние, како земја, и како Влада да бидеме сигурни дека овој процес ќе заврши“, појаснува министерот Муртезани.
Прашан за тоа дали се планираат некакви средби во идниот период со буграското раководство, по пораката од Брисел дека земјата не треба да чека туку интензивно да отпочне разговори со техничката влада на Бугарија со оглед дека во Софија имаат единствен став во однос на прашањето околу уставните измени, како услов за деблокада на нашата евроинтеграција, Муртезани одгвоори потврдно.
„Секако да. Јас лично како министер неколку пати сум изразил подготвеност да ја посетам Софија. Мислам дека сепак подобро е да почекаме уште малку да се исцрпат сите можности. Иако не изгледа лесно дека ќе се стигне до формирање нова влада, мислам дека не се исцрпени сите можности, оти во неколку наврати ни беше кажано и знаеме дека техничката влада од другата страна нема да се нафати ни за добрососедски дијалог, а не за решавање на покомплексни проблеми“, рече Муртезани.
Тој смета дека евентуалната имплементација на некои од 14-те пресуди од Стразбур кои Бугарија треба да ги спроведе би значело чекор напред кон постигнување решение.
„Тие се пресуди од меѓународно призната институција и сметаме дека секако, тоа би бил недоволен, меѓутоа мал чекор кој би водел до заеднички договор“, изјави министерот Муртезани пред обраќањето на денешната панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“ организирана од ЕПИ во соработка со Министерството за европски прашања.
За Симонида Кацарска од Институтот за европски политики од Скопје кој денеска заедно со Министерството за европски прашања организираа панел дискусија, разговорите за уставни измени со одложено дејство ќе бидат доста тешки.
„Првата посета на еврокомесарката за проширување Марта Кос заедно со претседателот на Советот и високата претставничка за надворешна политика беше во Киев. Фокусот несомнено ќе биде таму, но ако ги слушаме внимателно пораките од Брисел очигледно е дека постои една динамика во однос на Црна Гора и Албанија, што говорат датумите 26-та, 27-ма односно 27-ма, 28-ма година за овие држави. За нас, очигледно е дека не сме главната тема на разговорот. Тоа мислам дека е повеќе од јасно. Дискусијата за одложеното дејство мислам дека ќе биде доста тешка. Тешко ми е да видам сценарио во кое Европската Комисија (ЕК) ќе се согласи на такво нешто“, вели Кацарска, коментирајќи ги последните пораки на новата еврокомесарката Кос, која вчера го започна својот мандат.
Таа не е оптимист ниту во однос на можноста да се издејствуваат некакви легални гаранции што би се добиле од Бугарија дека нема да има нови вета на евроинтегративниот пат на земјава по евентуалното усвојување на уставните измени, ако се имаат предвид единствените позиции кои ги има Софија.
„Тешко ми е да го видам тоа, особено било какви правни гаранции ако говориме во тој контекст, веројатно говориме за некои политички дискусии што допрва ќе се материјализираат. Веројатно, единствениот актер кој во моментов е стабилен таму е претседателот на Бугарија Румен Радев, што креира дополнителни прашања. Меѓутоа постои оваа дискусија во однос на тоа дека во позадината се работи со Бугарија“, вели Кацарска.
За најавите од премиерот Христијан Мицкоски за т.н. робусна акција во однос на реформите во правосудството, таа нагласува дека во реформската агенда, која е усогласена со ЕК, се дефинирани чекорите на овој план.
„Ако погледнеме во реформската агенда во моментот таму се дефинирани чекори во однос на активностите околу промената на членовите во Судскиот совет, околу законските измени што следат и секако треба да се направи досие за постигнувања во корупцијата. Секако, притисокот политички врз судството не е една од тие елементи, меѓутоа останува да видиме во која насока ќе се одвива“, рече Кацарска.