Јаревски најпрво го обвини Груби дека станува „фабрика за производство за лажни вести“ со изјавите дека „Бехтел и Енка“ под истите услови гради автопат и во Србија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека во Србија се работело за јавен повик на кој бил избран овој конзорциум, а не за директна спогодба како во Македонија
Вчера Груби изјави дека и кај нас како и во Србија се изгласа специјален закон за директна спогодба со „Бехтел и Енка“.
„ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат“, објави попладнево првиот вицепремиер Груби на Фејсбук и додаде дека „Бехтел и Енка“ гради автопатот во Србија без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас и со многу поскап консултант отколку кај нас.
Груби оцени дека опозицијата или не знае да го чита договорот, или не го разбира или едноставно секојдневно произведува лажни вести против изградбата на автопатите.
Сепак, според српските медиуми, во 2018 година конзорциумот „Бехтел и Енка“ беше единствениот понудувач на јавниот повик за изградба на Моравскиот коридор на српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура. Потоа Владата на Србија донесе одлука за избор на стратешки партнер за Моравскиот коридор вреден 800 милиони евра за 112 километри автопат.
За српската партија Слобода и правда овој тендер бил наместен, фарса на која како единствен понудувач се јавил токму конзорциумот „Бехтел и Енка“ со што грубо биле прекршени одредбите од Законот за јавни набавки. Планираните трошоци од 500 милиони не случајно пораснале на 800 милиони евра, велеа тогаш претставниците на оваа партија и побараа преиспитување на целиот договор.
И други опозициски партии во Србија велеа дека се работи за наместен тендер, за нетранспарентност и за фаворизирање на само една компанија.