Водејќи се според мерит- системот досега, Црна Гора и Албанија предничат, но кога ќе има придвижување со Северна Македонија и Северна Македонија може брзо да напредува, рече комесарката за проширување Марта Кос.
„САД не можат да ги внесат земјите кандидати во ЕУ, туку тоа го прави самата Европска Унија“, рече Кос на панелот со двајцата премиери Христијан Мицкоски и Еди Рама.
„Проширувањето денес не е само под влијание на она што го прават САД, туку и на геополитиката. Имаме посебна ситуација, имаме надворешни сили кои нѐ разделуваат и сакаат да нѐ видат како пропаѓаме. ЕУ станува сè поважна. ЕУ е создадена за мир, слобода, безбедност и просперитет. Сега да се вратиме на безбедноста и мирот. Проширувањето може да биде најважниот елемент на безбедносната гаранција. Постои причина зошто земјите сакаат да се приклучат на ЕУ, а не на САД”, рече Марта Кос.
Според неа, ЕУ работи со побрзо темпо на финализирање на членството на Албанија и Црна Гора до 2027 година, а кога ќе има придвижување на процесот и за Македонија.
Премиерот Мицкоски реагираше на Кос потсетувајќи ја на ветувањата на ЕУ за брзо членство на земјата по промената на името.
„Имам само една забелешка, се сеќавам на ветувањата со кои се обидоа да не убедат, сменете го името и за 4-5 години ќе станете членка на ЕУ. Им посакувам среќа на Црна Гора и Албанија, но немојте да го споделувате нашето искуство. Ние сме жртви на билатералните проблеми или, поточно, нашето движење кон ЕУ е многу сложено. Наместо да ја носиме Европа на Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји-членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови со нив во Брисел, наместо да ги донесат бриселските вредности на Балканот“, рече Мицкоски.