недела, 15 декември 2024

За една година граѓаните вложиле 37 милиони евра за животно осигурување

Објавено на

часот

Сподели

Вложувањата во осигурување живот мината година надминале 37 милиони евра. Овој сегмент на осигурителниот пазар лани пораснал за 14 отсто во споредба со претходната 2021 година, покажуваат официјалните податоци што ги доставиле петте компании за осигурување живот до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Заклучно со крајот на 2022 година во земјава животно осигурување имале 305.322 лица што е за речиси 45.000 лица односно 17 отсто повеќе во споредба со претходната година. Во истиот период бројот на активни договори надминал 171.000 и е зголемен за 7 отсто.

„Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Вкупно во 2022 година во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 20,1 милиони евра. Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента.  Со него во случај на смрт, за времетраење на договорот, се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице. Вложувањата во ова осигурување лани достигнале 8,9 милиони вра и тоа е за 56 отсто повеќе од претходната година. Бројот на лица кои го имаат ова осигурување надмина 243.000 што е 22 отсто повеќе во споредба со 2021 година“, информираат од АСО.

Една од двете клучни причини за раст на продажбата за ризико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити кои ги имаат осигурениците, велат од АСО.

„Другиот катализатор на растот на бројот осигуреници кои имаат животно осигурување е мерката со која АСО им укажа на  друштвата за неживотно осигурување дека не смеат да преземаат во осигурување ризик од смрт поради болест во рамки на понудата на осигурувања од последици на несреќен случај (незгода). Осигурувањето во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во 2022 година над 13.600 осигуреници во овој продукт вложиле 8 милиони евра“, покажуваат податоците на АСО.

Животно осигурување продаваат пет осигурителни компании кои во 2022 годинава на осигурениците им исплатиле вкупно 11,5 милиони евра што е за 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ