Најмногу пријави, 15, има за сторено кривично дело криумчарење, 9 за кривичното дело промет со стоки за кој сторителот знаел дека се предмет на кривично дело и 5 кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици.
Со пријавите опфатени се 59 осомничени сторители и 16 фирми.
Како еден од покарактеристичните примери кои ги истакна Богоев е оној од минатиот месец кога беше поднесена кривичнa пријавa за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори како дел од поголема мрежа што имала и лабораторија на територија на државата а која со царинската акцијата била разбиена.
Претходно беа поднесени кривични пријави против сторители за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две цистерни.
Освен ова според директорот Богоев, Царината бележи 30 отсто повеќе заплена на царинска стока, а тој се пофали и со пораст на приходите од данок на приход на моторни возила.
„Приходите од данок на моторни возила бележат раст од 46,7 отсто во однос на претходната година, приходите од царина за 10,3 отсто, а раст од 5 отсто има и кај приходите од акцизи кои во 2023 година изнесуваат 32,4 милијарди денари. Растот на наплата на приходи од страна на Царинската управа, значи и повеќе пари за здравство, образование, подобрување на инфраструктурата од што бенефит ќе имаат сите граѓани на нашата држава.“, истакна Богоев.
Богоев вели дека резултатите се веќе препознаени и од бизнис заедницата, при што во последната анкета на Советот на странски инвеститори, Царинската управа е институција од чија работа инвеститорите се најмногу задоволни. Богоев притоа истакна дека Царинската управа вложува во нови развојни проекти во вредност од над 30 милиони евра.