Научниците на Росатом создадоа лабораториски прототип на плазма електричен ракетен мотор базиран на магнетен плазма забрзувач со зголемени параметри на потисок (најмалку 6 њутни), објави Росатом.
Моторот ќе работи на водород, а ќе може да ги забрзува честичките – наелектризираните електрони и протони – до брзина од 100 километри во секунда. Вселенските бродови опремени со такви погонски системи ќе можат да стигнат до далечните агли на Сончевиот систем во разумно време, а летовите до Марс ќе траат еден или два месеци, тврди компанијата и додава дека ова дури ќе им овозможи на вселенските летала да излегуваат од нашиот Сончев систем.
„Во традиционалните енергетски единици, максималната брзина на проток на материјата е околу 4,5 км/с, што се должи на условите на согорување на горивото. Спротивно на тоа, во нашиот мотор, работното тело се наелектризирани честички што се забрзуваат со електромагнетно поле. Ова овозможува да се постигнат многу поголеми брзини“, изјави за руска Известија Алексеј Воронов, првиот заменик-генерален директор за наука во Троицкиот институт на Росатом.
Работата била спроведена во рамките на сеопфатна програма за развој на нуклеарната наука, инженерство и технологија во Русија, која во 2025 година стана дел од новиот национален проект на технолошкото раководство „Нови нуклеарни и енергетски технологии“.
Просечната моќност на таквиот мотор, кој работи во пулсно-периодичен режим, достигнува 300 киловати. Таквите мотори овозможуваат забрзување на вселенското летало во вселената до брзини што се недостапни за хемиските мотори, а исто така овозможуваат ефикасно користење на резервите на гориво, намалувајќи ја потребата од него за десетици пати, вели Росатом.
„Во моментов, летот до Марс со конвенционални мотори може да потрае речиси една година во еден правец, што е опасно за астронаутите поради космичкото зрачење и изложеноста на радијација. Користењето плазма-мотори може да ја скрати мисијата на 30-60 дена, што значи дека ќе биде можно да се испрати астронаут до Марс и назад. Создавањето прототип е една од најважните фази од проектот, бидејќи одредува дали таквиот мотор ќе одговара за вселенските патувања во иднина и дали воопшто ќе биде можно да се намалат трошоците за неговото производство“, вели Воронов.