На прашањето дали тоа значи дека е ангажиран како советник на премиерот на Косово, Никола Димитров во изјава за МКД.мк вели дека тој е ангажиран во функција на невладин проект.
„Јас сум ангажиран од страна на Балканската група за истражувачки политики, невладина организација во Приштина, на проект насочен кон зајакнување на стабилноста и државноста, како и на европската агенда на Косово. Меѓу другото, помагав и за визната либерализација за нашиот сосед“, ни изјави Димитров.
Неговиот ангажман, како што вели, е парцијален и тој не престојува во Приштина.
„Во контекст на проектот, јас имам средби со владата, која е корисник на проектот. Сепак, нагласувам, мојот ангажман е со Балканската група за истражувачки политики“, вели Димитров.
Балканската група е основана во Косово во 2013 година, како наследник на работата воспоставена од Меѓународната кризна група (МКГ). Групата е посветена да даде придонес во изградбата на функционална држава Косово во која има социјална и меѓуетничка хармонија и која има волја за решавање на соседските проблеми. Токму последното е веројатно главната причина зошто Димитров е ангажиран од оваа невладина и непартиска организација, финансиски потпомогната од повеќе извори, како од Норвешка, Швајцарија, Канада, ЕУ и некои меѓународни организации.
На прашањето од МКД.мк дали можеби од косовската влада бил консултиран во контекст на договорот што во Охрид го постигнаа косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ и дали можеби тука има суштина која може да се извлече од постигнувањето на Преспанскиот договор во кој главните улоги ги имаа токму Димитров и тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, добивме прилично недиректен, но дипломатски одговор. Притоа ни изгледа како Димитров да ја предупредува Приштина, но и ЕУ, под чија капа беше неодамнешната косовско – српска средба на врвот во Охрид, дека „кога се испорачува се очекува ветувањата да се остварат“.
Димитров во овој контекст потсетува на историјатот по потпишувањето на Договорот од Преспа, зашто како што вели, Македонија го исполни ветеното и го смени и името, но дека на ветувањето не остана ЕУ, а тоа, како што додава, ги обесхрабрува лидерите на Балканот.
„Европската интеграција претставува важен поттик за лидерите, со цел да ги решат долгогодишните спорови. Доколку е веродостојна и реална, би била значаен поттик за справување со преостанатите нерешени проблеми во регионот“, вели Димитров.
Инаку, Никола Димитров од поодамна беше ангажиран во процесот на барање дипломатско решение за спорот што Грција ѝ го наметна на Македонија па така од 2003 до 2008 година беше специјален пратеник во разговорите со Атина под покровителство на Обединетите нации, а беше и ко-застапник на Репубкика Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во предметот против Република Грција во однос на примената на Времената спогодба од 1995 година.
П.Џамбазоски