сабота, 27 јули 2024

Вучиќ: Задоволен сум од она што го слушнав на седницата на СБ за Косово, мала но значајна победа на Србија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа по вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово дека е задоволен од она што го слушнал и дека тоа е една мала, но значајна победа на Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

СБ на ОН синоќа во Њујорк одржа вонредна седница по повод одлуката на приштинските власти да ја забранат употребата на динарот на Косово.

Седницата беше одржана на барање на Србија, а покрај Вучиќ присуствуваше и премиерот на Косово Аљбин Курти.

„Задоволен сум од она што можевме да го слушнеме. Најостри против нас и најмногу на страна на Приштина беа Британија и Швајцарија. Бев изненаден од многу коректниот став на Франција. Исклучителни се истапите на Алжир, Кина, Русија, Еквадор, Сиера Леоне, Мозамбик“, им кажа Вучиќ на новинарите по седницата во Њујорк, пренесе РТС.

Тој додаде дека коректни биле и ставовите на Јужна Кореја и Малта, кои не ја признаваат косовската независност.

Вучиќ истакна дека најважно е тоа што Србија зборувала со факти за она што се случува на Косово.

„Нормално, ова нема да ги реши проблемите на Косово и Метохија, ние утре нема да можеме да пренесуваме динари, но нашиот народ треба да знае дека ќе се бориме за нив, како што ќе се бориме за вистината секогаш и цел живот“, кажа српскиот претседател.

Оцени дека е важно што на седницата, отворена за јавноста, се слушнале аргументите на Србија. Кажа дека е благодарен што ОН ја прифатиле таа седница и што била отворена за јавноста.

„Како и да свртите, ова е една мала, но значајна победа на Србија“, истакна Вучиќ.

„Србија никогаш нема да го напушти својот народ на Косово и Метохија и никогаш нема да се откаже од својата земја“, заклучи Вучиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ