сабота, 27 јули 2024

Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН ја повикаа Приштина да го одложи укинувањето на динарот

Постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации изразија резерви кон намерата на Приштина еднострано и без соодветни консултации со партнерите да ја забрани употребата на динарот на Косово и ја повикаа да ја одложи примената на таа мерка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на расправата на вонредната седница на СБ на ОН за ситуацијата на Косово, закажана на барање на Белград, американската амбасадорка во ОН Линда Томас Гринфилд изјави дека Вашингтон изразил резерва за одлуката еврото да биде единствено средство за плаќање на Косово.

Таа ја повика Приштина да ја одложи примената на таа мерка додека не бидат дефинирани соодветни механизми, во согласност со европските стандарди.

Томас Гринфилд ги критикуваше и неодамнешните акции на косовската полиција по повод затворањето на трите „паралелни“ српски општини и упадот во просториите на невладината организација Центар за заедници во Приштина, наведувајќи дека тие потези не се во согласност со настојувањата на Приштина да создаде мултиетничко општество.

Британскиот амбасадор во ОН Џејмс Кариуки кажа дека Србија и Косово „мора да ги почитуваат обврските и да избегнуваат еднострани акции за да постават основи за обострано прифатлив и одржлив договор“.

Околу одлуката на приштинските власти да ја забранат употребата на динарот на Косово, Кариуки кажа дека постои проблем поради нејзиното влијание врз малцинските заедници.

Наведе дека е потребно да се обезбеди Србите и другите заедници и понатаму да примаат приходи во динари до наоѓањето одржливо решение.

Заменикот на рускиот амбасадор во ОН Дмитриј Полјански ја обвини Прштина дека спроведува „антисрпски терор“ со цел целото српско население засекогаш да ја напушти територијата на Косово и од членките на СБ на ОН побара да застанат во заштита на косовските Срби.

Тој кажа дека одлуката на Приштина да го укине динарот како платежно средство создала економска неизвесност за голем број припадници на малцинските заедници и додаде дека со тоа се ризикува ново избивање етничко насилство.

Кинескиот амбасадор во ОН Жанг Јун изјави дека едностраните акции на Приштина не придонесуваат на решавање на косовското прашање, туку предизвикуваат тензии кои Пекинг ги смета за „многу сериозни“.

Жанг кажа дека Пекинг од Мисијата на ОН во Приштина бара да инсистира на укинување на „незаконските и неразумни одлуки“ на приштинската власт, а од Приштина веднаш да се откаже од нив.

Истакна дека ситуацијата на Косово влијае на стабилноста на Балканот и Европа и го повтори ставот на Пекинг дека Белград и Приштина треба да постигнат обострано прифатливо решение преку дијалог, во рамки на Резолуцијата 1244 на СБ на ОН, со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ