вторник, 25 февруари 2025

Вучиќ: Србија направи грешка со гласањето за резолуцијата во ОН, требаше да биде воздржана

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека смета дека Србија направила грешка со тоа што гласала за европската резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, туку дека требало да биде воздржана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Јас мислам дека Србија денес направи грешка, им се извинувам на граѓаните поради тоа и јас ја сносам вината за тоа, затоа што сум веројатно и уморен и оптоварен и не можам да стигнам сè“, кажа Вучиќ за телевизија Хепи.

Тој додаде дека Србија била воздржана на американскиот предлог резолуција и дека тука гласала „така како што треба“, наведувајќи дека според неговото мислење требало да биде воздржана и околу прашањето на европската резолуција.

„И како што гледате, тоа го зборувам во овој момент кога е сосема јасно дека поради тоа ќе ја загубам наклонетоста или политичките поени во ЕУ. Сметам дека Србија мораше да биде воздржана. Немам кого друг да обвинам освен себе, не стигнав со тоа да се занимавам доволно“, кажа Вучиќ.

Оцени дека Србија три години „издржа во најтешката можна позиција“, што се однесува до невоведувањето санкции против Русија, додавајќи дека таа позиција на Србија „нема да ја урнат една, две или три резолуции“.

Генералното собрание на ОН усвои денес резолуција со која се потврдува поддршката за Украина, на третата годишнина од почетокот на конфликтот на нејзина територија.

САД не успеаја Генералното собрание да ја усвои нивната резолуција во која се бара завршување на војната во Украина, без спомнување на руската агресија и територијалниот интегритет на државата.

Текстот на усвоената резолуција го подготвија Киев и неговите европски сојузници, доби 93 гласа за, 18 против меѓу кои САД и Русија, и 65 воздржани. Србија гласаше за оваа резолуција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ