„Како Русите и Американците да се оддалечуваат по сите позиции. Се надевав дека можеме без голема политичка драма да го завршиме тоа со некаков договор и некакво големо разбирање на сите страни, но очигледно нема да можеме. И едните и другите запнале за она што е во нивен интерес“, кажа Вучиќ.
Вучиќ кажа дека за НИС „нема ни добро ни едноставно решение“ и додаде дека Србија е „како растргната меѓу два автомобили кои возат во спротивни насоки“.
Наведе дека власта на Србија утре и задутре ќе ги разгледа сите дописи кои ги добива по тоа прашање.
Вучиќ на 6 февруари кажа дека Србија сè уште го чека одговорот на Канцеларијата на министерството за финансии на САД за контрола на странскиот имот (ОФАК) примената на санкциите да биде одложена за најмалку 90 дена, додека не се најде решение за сопственичките односи во таа компанија.
ОФАК на 10 јануари ја стави НИС на „црната листа“ во рамки на новиот пакет санкции против руската нафтена индустрија. Руската државна компанија Газпром нефт и нејзината главна компанија Газпром од 2008 имаат 56,15 отсто сопственост во компанијата НИС, државата Србија е сопственик на 29,87 отсто, а остатокот е во сопственост на мали акционери.