Блокадата на Автокоманда следи по општиот штрајк кој се одржа во петокот во Србија. Студенти и други граѓани учествуваа во протестни прошетки. На штрајкот му се придружија медиуми, синдикати, наставници, професори, лекари, адвокати, земјоделци…
Пред почетокот на најголемата студентска блокада досега, српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм го честиташе Денот на Свети Сава и најави: „Бидете со нас, во попладневните часови ќе им соопштиме важни вести на граѓаните на Србија“.
„Некои луѓе мислат дека имаат право да ни ги уништуваат историјата, традицијата, културата. Наше е да одговориме на тоа со мир, трпение и сериозен пристап, на поинаков начин да се воспитуваме и менуваме и себеси и нашите деца, и во иднина тоа никогаш да не ни се повтори“, кажа Вучиќ за упадот на студентите во Матица српска најавувајќи дека на понатамошни напади на институциите остро ќе се одговори.
„Ќе се спротивставиме со сите дозволени и демократски политички средства. За нас е важно на мирен и трпелив начин да покажуваме однос кон политичките противници, да ја зачуваме стабилноста и да покажеме почит кон оние кои поинаку мислат“, заклучи Вучиќ.