петок, 7 март 2025

Вучиќ и Додик: Бошњаците сакаат војна

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска Милорад Додик се сретнаа во Вилата Мир во Белград, по што ѝ се обратија на јавноста.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Дојдов да го запознам претседателот Вучиќ со ситуацијата во Република Српска. Во Бања Лука ни е јасно дека Бошњаците во Сараево и надвор од Сараево сакаат оружен судир и тоа дојдов да го кажам. Тоа го поткрепуваат нивните постојани обиди да ја „завршат работата“ или на некој начин да им се одмаздат на Србите“, кажа Додик.

Тој истакна дека Бошњаците сакаат политички да го отстранат секој Србин кој не им одговара на нивните планови и на тој начин да ја укинат Република Српска.

„Бошњаците никогаш официјално не го прифатија Дејтонскиот договор. И тогаш планираа да дојдат во прилика на Република Српска да ѝ го зададат одлучувачкиот удар“, кажа тој.

Наведе и дека друг важен елемент на „нивниот план“ е тоа што никогаш не сакале да ја означат меѓуентитетската граница.

„Сите наши обиди да разговараме за отворените прашања тие ги игнорираат. Добив повик утре во 11 часот да се појавам во Обвинителството, осомничен сум дека го напаѓам уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Единствената уставна категорија во БиХ е претседателот на Република Српска. И претседателот на владата и претседателот на собранието добија повик. Ние во тоа нема да учествуваме. Крајната цел е да се преземе имотот и сè што во РС е битно за функционирање на државата. Ние ќе ја продолжиме борбата и повикувам на разговор“, кажа Додик.

Ги повика Србите да останат мирни.

„Најголеми непријатели би ни биле оние Срби кои поради емоциите или што било би се обиделе да направат нешто насилно кон Бошњаците, дури и вербално. Бошњаците во Република Српска ги повикувам да останат мирни и сталожени, не сме ние тие кои сакаат војна. Војна повикуваат бошњачките политичари. Тие сфатиле дека тоа им е задачата. Ако некој има право да дејствува во БиХ, тоа е Србија, бидејќи е потписничка на Дејтонскиот договор. Нашата порака до претседателот Вучиќ е дека сакаме нашите проблеми да се слушнат, а ако прогонот продолжи, ќе мораме да ги користиме сите политички и други средства за да ја одбраниме Република Српска и нема да се колебаме“, кажа тој.

Истакна и дека Дејтонскиот договор го уништила администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден.

„Меѓународната заедница најдолго се задржа во БиХ. Не можат да направат од БиХ правна држава ниту од нас Босанците и нова нација, и со тоа мора да се престане“, оцени Додик.

Вучиќ на почетокот на обраќањето кажа дека секој разговор е подобар и покорисен од каква било сила.

„Му благодарам на Додик на посетата. Оној кој внимателно ги слушаше неговите зборови можеше да види колку е загрижен. Кога ќе слушнете дека некој можеби се подготвува за воен конфликт, не можете да не бидете и повеќе од загрижен. Го замолив Додик да ги упати луѓето на разговори. Ден потоа, наместо одговор, стигна салва патолошки навреди. Отсекогаш сметам дека секој разговор е подобар и покорисен од какво било покажување сила, моќ. За жал, во ова време на превирања во светот, јасно е дека на Европа, која ќе се обиде да се издвои како целина од САД, потребно ѝ е да ја покажува својата моќ“, кажа српскиот претседател.

„Србија го почитува Дејтонскиот договор и територијалниот интегритет на БиХ. Србија се залага за мир, ќе поттикнуваме дијалог, мир и ќе го чуваме по секоја цена. Не смееме да дозволиме тракторијади и протерувања на четниците – сето тоа сме го виделе и слушнале, а тоа многу зборува за оние кои тоа го зборуваат“, истакна Вучиќ.

Тој најави дека утре ќе разговара со претседателот на Русија Владимир Путин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ