недела, 22 декември 2024

ВСЏ: Како функционирала Белата куќа со опаднатиот Бајден

Помошниците ги одржувале состаноците кратки и го контролирале пристапот до претседателот, главните советници делувале како посредници, а јавните комуникации се договарале однапред, пишува американскиот весник Волстрит џурнал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ВСЏ пишува за тоа како најблиските помошници и советници на Џо Бајден се справувале со ограничувањата на најстариот претседател на САД за време на неговите четири години на функцијата.

За да ја приспособат Белата куќа според потребите на опаднатиот лидер, тие им велеле на посетителите да ги одржуваат состаноците фокусирано. Комуникациите со високи демократски пратеници и некои членови на кабинетот – вклучително и моќните министри како што се Лојд Остин од одбраната и Џенет Јелен од Министерството за финансии – биле ретки или поретки. Некои законодавни лидери со тешкотии стапувале во контакт со претседателот во клучните моменти, меѓу другото и пред катастрофалното повлекување на САД од Авганистан, вели весникот.

Фото: ЕПА

На портпаролите им било кажано да не му ги покажуваат на Бајден негативните медиумски извештаи за него. Бајден, исто така, не разговарал со сопствените анкетари, иако анкетите покажуваа дека има мали шанси за реизбор.

До секој претседател се доаѓа тешко, вели ВСЏ. Но пратениците, донаторите и помошниците рекле дека „ѕидовите“ околу Бајден со текот на времето станувале сѐ повисоки, а контролата сѐ поголема. Биле поставени ограничувања со кого тој разговара, што му се кажува и од кои извори ги добива информациите.

Низ четирите години на функцијата, тесен круг соработници се држеле блиску до Бајден, особено кога патувал и се обраќал во јавноста. „Тие беа до толкав степен залепени за него“, рекло едно лице што било сведок на тоа, додавајќи дека такво „држење за рака“ немало со ниеден од другите современи претседатели.

Белата куќа функционирала така дури и кога претседателот и неговите соработници продолжија со неговата реизборна кандидатура – која спектакуларно се расплете откако неговиот очаен настап на јунската дебата со Доналд Трамп ја направи неговата ментална бистрина непремостливо прашање. Потпретседателката Камала Харис го замени на демократското ливче и беше убедливо поразена од Трамп во една скратена кампања – оставајќи ги демократите да дебатираат дали нивните шанси ги намалило Бајденовото одбивање порано да се откаже од трката.

Фото: ЕПА

Сликата на ВСЏ за тоа како функционирала Белата куќа со еден остарен лидер на врвот на нејзината организациона шема се заснова на интервјуа со речиси 50 луѓе, вклучувајќи ги и оние што учествувале или директно знаеле за дејствата.

Многумина од оние што ја критикуваа изолираноста на Бајден тврдат дека неговиот систем сепак ја одржувал неговата агенда на вистинскиот пат.

Портпаролот на Белата куќа Ендрју Бејтс рече дека Бајден „го имаше најуспешниот мандат од сите современи врховни команданти и повторно ја изгради средната класа посветувајќи им внимание на деталите што влијаат на милиони животи“. Тој истакна дека Бајден често барал мислења од надворешни експерти, кои влијаеле на неговите политики.

Тој објасни дека дел од работата на највисокиот персонал на Белата куќа е да одржува редовни состаноци и да го спроведува планот на Бајден според неговите инструкции. Тој додаде дека персоналот го информирал Бајден за „значајните“ негативни вести.

„Добри денови и лоши денови“

Но, според изворите на ВСЏ, претседателот не можел да се сети на речениците што неговиот тим веќе ги дискутирал со него. За време на настаните, неговите помошници често му ги повторувале инструкциите од типот каде да влезе или да излезе од бината, што би било очигледно за еден просечен човек. Тимот на Бајден, исто така, го ангажирал холивудскиот магнат Џефри Каценберг да најде гласовен тренер за да се спречи треперењето на гласот на претседателот.

Фото: ЕПА

Ѕидот околу Бајден што бил изграден за време на пандемијата на ковид-19 за да се спречи зараза никогаш не бил целосно расформиран. Структурата била дизајнирана и за да го спречи Бајден, недисциплиниран јавен говорник во текот на неговата полувековна политичка кариера, да прави гафови или грешки што би можеле да му наштетат на неговиот имиџ, да создадат политички главоболки или да го нарушат светскиот поредок.

„Бајденовата Бела куќа беше поизолирана од повеќето други“, рекол демократот Адам Смит, тогаш претседател на моќниот Комитет за оружени служби на Претставничкиот дом. „Со Барак Обама зборував во неколку наврати кога беше претседател, а дури не бев ни претседател на Комитетот“.

Стратегиите за заштита на Бајден генерално функционирале – сѐ до 27 јуни, кога тој се соочи со Доналд Трамп во дебатата што ефективно го означи почетокот на неговиот крај.

Бајден, опкружен со советници уште откако стана сенатор на 30-годишна возраст, дојде во Белата куќа со мал тим од жестоко лојални, долгогодишни соработници, кои толку добро го познавале и него и Вашингтон што можеле да бидат особено ефективни застапници. Тие не ги толерирале критиките за перформансите на Бајден или помасовното незадоволство во рамките на Демократската партија, особено кога станувало збор за одлуката на претседателот да се кандидира за втор мандат.

Сепак, тие уште во почетокот на мандатот забележале дека Бајден на долгите состаноци се уморува и почнува да прави грешки. Почнале да испраќаат пораки до оние што сакаат да се сретнат лице в лице со претседателот дека средбите треба да бидат кратки и фокусирани, велат изворите, кои добиле такви пораки. Исто така, состаноците почнувале подоцна во денот.

Белата куќа негирала дека неговиот распоред бил менуван поради неговата возраст.

Ако претседателот имал „лош ден“, состаноците биле и откажувани. Во една таква прилика, пролетта 2021 година, еден функционер за национална безбедност му објаснил на друг помошник зошто треба да се презакаже состанокот. „Тој има добри и лоши денови, денес му е лош ден, така што ова ќе го решиме утре“, се сеќава поранешниот помошник.

Односите со советниците

Членовите на Бајденовиот кабинет почесто разговарале со неговите помошници отколку со него лично, вели ВСЏ.

Обама честопати се среќаваше со помали групи членови на кабинетот за да водат политички дебати, рекле претставници на поранешната администрација.

Но тоа честопати не беше така со администрацијата на Бајден. Наместо тоа, членовите на кабинетот најчесто се состанувале сами или со некого од високиот персонал на претседателот. Високиот советник потоа ќе му го претставел прашањето на претседателот и ќе се врател кај нив да ги извести.

Многу често не изгледало дека Бајден е во тек со настаните.

Во текот на четирите години, Бајден одржал девет состаноци со целата влада – три во 2021 година, два во 2022 година, три во 2023 година и само еден оваа година. Во својот прв мандат Обама имал 19, а Трамп 25, според податоците собрани од поранешниот дописник на Си-би-ес њуз, Марк Нолер.

Изолиран во кампањата

Тимот на Бајден го изолирал и во самата кампања. Во летото 2023 година, еден истакнат демократски донатор организирал мал настан за кандидатурата на Бајден за реизбор. Донаторот бил шокиран кога еден претставник на кампањата му рекол дека присутните не треба да очекуваат дека ќе имаат отворена сесија на прашања и одговори со претседателот. Наместо тоа, на организаторот му било кажано однапред да испрати две или три прашања, на кои Бајден ќе одговори.

Фото: ЕПА

На некои настани тимот на Бајден ги печател однапред одобрените прашања на картички, а потоа им ги давал картичките на донаторите за да ги читаат прашањата. Дури и со сите овие чекори на претпазливост, Бајден правел гафови, што ги збунувало донаторите, кои знаеле дека Бајден однапред ги добива прашањата.

Некои донатори рекле дека забележале дека персоналот се вклучува за да прикрие други знаци на опаднатост. За време на неговото претседателствување – а особено подоцна во мандатот – на Бајден му помагале мала група помошници, кои биле ласерски прецизно фокусирани на него на многу поинаков начин отколку кога бил потпретседател, или како со поранешните претседатели Бил Клинтон или Обама, велат сведоци.

На 13 јули Бајден водел незгоден видеоразговор со група од демократски пратеници наречена Нова демократска коалиција, со цел да ги увери во својата способност да остане во трката.

Претседателот им рекол на пратениците дека анкетите покажуваат дека му оди добро. Се налутил кога бил искажан сомнеж, според пратениците. Во еден момент, Бајден го кренал погледот и нагло им рекол на пратениците дека мора да оди во црква. Некои од неговите соговорници сметале дека некој зад камерата му рекол да го прекине разговорот, вели ВСЏ.

Осум дена подоцна Бајден се откажа од трката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ