среда, 12 март 2025

Вработени во УСАИД добиле инструкции да ја уништат доверливата документација

Функционери на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) почнале масовно уништување на доверливите документи во своето седиште во зградата Роналд Реган во Вашингтон, користејќи сечачи за хартија и специјални „вреќи за согорување“, покажува интерен мејл во кој Гардијан имал увид.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мејлот, кој го испратила вршителката на должноста секретар на УСАИД Ерика Џ. Кар, содржи инструкции до вработените за постапката на уништување на документите од сефовите со доверливи податоци и лична документација.

Наложено им е во текот на целиот ден во вторникот да користат сечачи за што поголем број документи, а „вреќи за согорување“ обележани со ознака „Тајно“ само кога сечачите ќе се расипат или прегреат, пишува Гардијан.

Оваа акција доаѓа во момент кога УСАИД се соочува со затворање, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп спроведува реформи преку Одделот за ефикасност на владата (ДОГЕ). На чело на ДОГЕ е најбогатиот човек во светот Илон Маск, кому му е доверена задачата драстично да го намали бројот на вработените во државните агенции и да го смали владиното трошење.

Во атмосфера на голема неизвесност која ја тресе американската администрација, УСАИД е една од агенциите кои се најмногу погодени. Драстични кастрења на буџетот и откажувањето на проектите низ целиот свет предизвикаа бура негодувања, и меѓу вработените во агенцијата и во глобалната заедница за меѓународен развој. Експертите сметаат дека гасењето на УСАИД ќе има катастрофални последици по најзагрозените популации во светот.

Според важечкиот американски закон за државните архиви и евиденција, кога федералните агенции се расформираат или реорганизираат, нивната документација мора да биде предадена на новите институции или на Националната управа за архиви и евиденција (НАРА). За време на хаотичното повлекување на САД од Авганистан во 2021 година, НАРА предупреди на обврската за правилно уништување на доверливите документи.

Меѓутоа, законот остро забранува уништување официјални документи пред да истече пропишаниот период за нивно чување, кој во повеќето случаи изнесува најмалку три години. Постои и загриженост дека ваквата пракса би можела трајно да ги отстрани доказите потребни за актуелните барања во рамки на законот за слобода на информациите и идните истраги на надзорниот одбор.

Канцеларијата на генералниот инспектор за УСАИД минатата година отвори истарга за надзор на агенцијата над испораката и користењето на терминалите на Старлинк во Украина, кои ги обезбедува компанијата на Маск.

Демократите од одборот на Сенатот за надворешни работи во февруари во писмо до државниот секретар Марко Рубио побараа објаснување за пристапот на ДОГЕ во седиштето на УСАИД и неговите документи. Иако во писмото не спомнаа директно уништување документи, се поставува прашањето дали во текот на овој процес се почитуваат прописите за чување на државната евиденција или се бришат важни податоци.

„Ако ви се потребни дополнителни вреќи за согорување или маркери, ве молиме да ни се обратите на мене или на СЕК тимот“, се наведува во интерниот мејл.

Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ