Во своето сведочење пред скопскиот Кривичен суд, Манев кажа дека првичниот план бил откако ќе ја искористат колата на Жежовски за да ја грабнат жената, Жежовски да биде пуштен на слобода.
„Утрото кога го донесовме Панче до ископаната земуница и кога го спуштивме во неа, Палевски му пукаше во слепоочница. Бев вчудоневиден и веднаш се тргнав подалеку од местото. Кога го прашав Палевски зошто пукаше и дека договорот не беше таков, Палевски ми кажа дека така е почиста работата и дека за тоа не треба да си го расипуваме пријателството зашто имам убава фамилија”, сведочеше Манев.
По ова групата заминала за Скопје, а Манев не можеше точно да се сети што се случувало од местото каде што беше убиен Панче до Скопје, иако едно од возилата го возел токму Манев. Она на што се сети е дека кога стигнале на Кавнташки пазар во Скопје заедно заминале во партијата на Палевски. Кога Манев ги прашал повторно зошто сето ова, Палевски му рекол да ќути зашто ништо не разбира.
Адвокатот Горан Бошевски: Кого познавате од другите обвинети?
Манев: „Сите“.
За секој одделено од кога се познавате каков е карактерот на вашата комуникација?
„Со Боре Видевски од основно, од дете. Цел живот се знаеме. Живееме, не сме имале никакви проблеми со неговите, живееме и едноставно сме се поштувале. Со Љупчо Палевски од 2018 година тогаш стапивме во ФБ-пријателство, кога тој имаше потреба за изборни набљудувачи, му пристапив во канцеларија. Така се запознавме и лично. И потоа одлучив да му пристапам како член на тогашна ‘Движење Трета’, и од тогаш до денеска сум овде со неговото познавање и знаење. Со Влатко Кешишев се познавам две и пол години, ако не ги рачунам овие година и пол во затвор. Човекот дојде во ‘Опера хаус’, канцеларија на тогашна ‘Трета’. Работеше како готвач, како домаќин, 24 часа да биде домаќин да ги оддржува канцелариите и му готвеше на Палевски. После тоа и он е тука поради тоа што му ја даде довербата на Љупчо Палевски. Две и пол години му готвеше, му служеше без никаква наднокнада, јас така знам“.
Дали го познавате Александар Ѓорчевски?
„Не, ниту го знам, ниту го познавам ниту претходно сум го видел“.
Дали го познававте сега покојниот Панче Жежовски?
„Да го познавав, работев на неговата куќа пред 15-16 години. Тогаш ме измами. Не ме измами, едноставно не ми ги плати средствата што требаше да бидат исплата за завршена работа. Бараше коцки и камен да му се реди на влезот од куќата, едно од најскапите варијанти на изведба во градежништво. Ми остана должен 1500 евра, он кажал на неговите дека должел 500 евра, а уствари беа 1500 евра. Се спречкавме, се скаравме, му извадив 12-13 квадрати од бекатон-плочките што му ги редев. Он повика полиција дома, полицијата направи записник и ме опеменаа дека не смеам така да постапувам и понашам, дигнав раце од сето тоа и толку. Уште еднаш отидов кај него во фризерницата му ги побарав парите што ми ги должи, ме избрка. Дојдов до степен до физички контакт да го тепам, не но го сторив тоа, дигнав раце и оставив на Господ. Тоа беше со контактот и познавањето на Панче“.
Кој ги донесе овластените службени лица, од СВР Велес и Скопје, до месноста Рудник во Велес?
„Јас“.
Кој ја ископал таа скривница/дупка?
„Јас ја копав заедно со Влатко Кешишев“.
За која цел?
„Целта беше да се чуваат грабнатите лица и откако ќе се изврши наплата да се пуштат“.
За кои лица се работи?
„Првично требаше Панче Жежовски. Требаше да биде врзен за бетонски тег за ногата со за ланец, за да се искористи неговото возило за грабнување на жена од 38-40 годишна возраст и откако ќе се грабне таа, Панче да се извади. Да се направи замена на грабнатите – Панче да се пушти да си замине со колата, а жената да биде чувана додека не се изврши наплата“.
Кога е копана дупката?
„Дупката е копана 2022 година, една година и повеќе пред ова“.
Со кого договаравте киднапирање на Панче?
„Прво баравме некој објект каде што ќе бидат чувани грабнатите лица, но поради тоа што не најдовме, едно попладне бев во канцеларијата на ‘Трета’ кај ‘Шампионче’. Љупчо Палевски ми предложи да го оставам телефонот и наводно ќе сме се прошетале некаде, па кога излеговме од канцеларијата ми рече дека објект тешко може да се најде и да одредиме некое место, локација за размена и каде ќе може да ги чуваме грабнатите лица. Откога го најдовме местото заедно, реши дека, мислам се одлучи тука да се направи земуницата, и ја оставивме така за да се замаскира од самата природа. За одлуката за грабнување на Панче Жежовски, некаде околу месец и пол пред грабнувањето на лицата, бараше некоја необележена кола, крадена или не знам што, за да може да го извршиме грабнувањето“.
Кој бараше кола?
„Љупчо Палевски, за да може жената да биде грабаната со необележена кола. Не можеше да се најде таква кола, и по негов предлог, предложи да бараме некоја пензионер сам, што ќе може да му ја искористиме колата и после кратко време ќе може да биде пуштен на слобода. Во канцеларија седевме и дојде на ум неплатениот борч на Панче Жежовски. Му кажав, дека има близок до мене, таков ме зафркнал, ме измамил, едноставно што ми го земал лебот и би можеле да го искористиме тој човек за целите на грабнување“.
Кои други лица се приклучија со вас за да се реализира грабнувањето на Панче?
„На почетокот бевме Палевски, јас и Влатко кои учествуваа во копањето на дупките. Фалеше уште еден човек и размислив – Боре беше со мене и му предложив да оди да разговара со Палчо за тоа, евентуално приклучување ако сака да пристапи како четврти член на групата“.
Дали се приклучи во групата?
„Да“.
Кога и како го грабнавте Панче Жежовски?
„Панче го грабнавме на 23.11.2023, што го имаше на камерите кај мене. На 22-ри вечерта дојдоа Палчо со Влатко, наводно да го провери местото дали одговора за грабнување на Панче Жежовски. Отидовме до местото, го виде, и одлучи дека наредната вечер, да отидеме и да го грабнеме Панче“.
Што се сучуваше следната вечер?
„На 23-ти утрото кога доаѓаат, во утринските часови, е ноќ. Кога дојдоа пиевме кафе, и утрото околу 5.30 – 6 часот, тргнавме накај куќата да го земеме Палчо. Да напоменам, дека снимките кои ги гледавме не се совпаѓаат со ова што сега го кажувам, така да отидовме кај куќата на Панчета, јас Боре и Палчо. Влатко Кешишев го зема кангуто и се спушти долу кај пругата, да нè чека таму. Почекавме, мислевме дека сам ќе излезе, да му се нафрлиме и да го однесеме. Некаде до 7.30 – 7.45, не излезе. На ладното што да излегува, па Палчо преку моторолата рече да му се тропне на врата и во самото предсобје да се врзе, да се земе. Јас не можев да се појавам, бидејќи ме знае и ми го познава гласот и одлучи Боре да му тропне на врата и да бутне внатре, во претсобјето, ние да притрчаме и да може да го врземе. Направивме така како што кажа Палчо, тропна на врата, и слушнав дека го бутна во предсобјето, видов како Палчо влегува во претсобјето, и Панче викаше. Јас пријдов напред и му ја ставив раката на устата да не може да вика. Бев, бевме со маски, не нè позна никој. Поради тоа што пријдов јас, Палчо се исправи. Јас почнав да му ги врзувам рацете, Палчо завлезе во куќата, го земал телефонот на Панче Жежовски, од влезната врата ги извади клучевите, на нив беа и клучевите од колата на Панче. Љупчо Палевски отиде ја извади церадата од колата, ја бутна во претсобјето, отиде да ја пали колата, а јас и Боре го изнесовме Панчета за да го ставиме во гепек. После тоа се симнавме долу, кај што беше паркирано ‘кангуто’ со кое дојдоа. Влатко Кешишев беше во него, тука ставивме гориво во колата на Панче, додека да го ставиме гориво, Палевкси го фрлил телефонот на Панче Жежовски во долот. После тоа се упативме према земуницата, за да го спуштиме доле и ние отидовме за Скопје“.
Како наточивте гориво во цитроенот?
„Претходната вечер земавме две туби за вода, и јас и Кешишев отидовме до бензиска и наполнивме гориво, една дизел, една бензин“.
Со какви средства комунициравте за време на грабнуваањето?
„Со мотороли комунициравме. Кога одлучивме за буткање во претсобјето… Тоа го кажав веќе мислам… Кога одлучи Палевски дека Панче нема да излезе, преку моторолата ме извести дека Боре ќе го отбутне во претсобјето и ќе го направиме тоа што го направивме. Кажав и претходно дека ги користевме моторолите“.
Каде се упативте после грабнувањето на Панче?
„Откога го ставивме горивото на паркингот кај пругата, тргнавме кон земуницата преку езеро, покрај ‘Романтик’, по стариот пат за Скопје и селото Рудник. Стасавме до земуницата со колата на Панче, пред нас цело време возеше пикапот. Љупчо Палевски со Влатко Кешишев беа во пикапот, а јас и Боре во возилото на Панче Жежовски. И стасавме горе кај земуницата“.
Што направивте кога стасавте?
„Го изнесовме од колата, го донесовме до самиот отвор, имаше вратичка на земуницата, го спуштивме тука да му се одврзат рацете и да може да го спуштиме долу по скалите. Беше легнат на самиот отвор да можам да го одврзам. Тука не напоменав само дека пикапот и Влатко Кешишев останаа подолу на самата база на ‘Македонија пат’ и остана таму да нè чека 300-400 метри од нас, а Палевски дојде со нас горе, кај земуницата. Откако се наведнав да го одврзувам, Љупчо Палевски така наеднаш му испука куршум во слепоочница на Панче Жежовски. Јас останав како да ви кажав, останав (издишува) без зборови – едноставно срипав и излегов од шумичката којашто беше врз самата земуница, што беше обрасната. Застанав таму во некоја ситуација пред колабирање. Се соземав со дишење, се тресев од тоа што го видов. И го видов како Боре излага молчешкум од местото, а со крај на окото видов како Палевски го превртува Панче сосе церадата во дупката. Дојде до мене, јас го прашав: ‘Зошто ова? Не требаше вака?“
‘Вака е почисто, нема што да се секираш’. Јас му реков вака да продолжам, затоа што за вакво нешто ниту сум помислил, ниту сум сонил. И тогаш прв пат ми рече, ме потбутна со раката и ми рече: ‘Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’ “.
Како планиравте да го обезбедите Панче да не избега?
„Претходно кажав, и пак ќе кажам – имаше бетонски тег во самата земуница, со алка на него, а јас носев синџир за да може да го врземе за ногата, за да не може да се качува нагоре. Така беше планот за да го обезбеди Панче, а потоа и грабната жена што ќе дојде на негово место“.
После убиството што направивте со земуницата?
„Три-четири дена стоеше отворена и после тоа ни кажа Палевски, се јави, да отидеме да го затрупаме местото, да не почне да мириса. Мислам дека беше недела, јас и Боре отидовме и го затрупавме“.
После убиството каде се упативте?
„После убиството, ме натера повторно да ја земам колата на Панче Жежоевски, и да ја возам до Скопје. Се симнавме до пикапот, Палевски седна во пикапот, и тргна пред мене, и продолживме за Скопје. Се спуштивме на автопат, на местото каде што чекаше Влатко со пикапот. Тоа беше над самата база на ‘Македонија пат’ и има прклучок за да може да се излезе на автопат“.
Каде отидовте во Скопје?
„Се исклучивме кај Катланово, по стариот пат продолживме за Скопје’“
Каде отидовте во Скопје?
„Па искрено возев до Хиподром – не знам ни јас како возев. Кога дојдов кај Хиподром го видов пикапот. Значи тргнавме за Скопје, Палевски со Влатко Кешишев – напред, а јас и Боре во цитроенот позади нив“, заврши првиот дел од сведочењето на Велибор Манев.
Искра Опетческа