четврток, 24 октомври 2024

Вонредна состојба на Хаити: Банди упаднаа во затвор, ослободија 4.000 затвореници (ВИДЕО)

Вооружени банди упаднаа во затвор во главниот град на Хаити и ослободија голем број затвореници. Повеќето од околу 4.000 мажи кои биле во затвор во Порт-о-Пренс избегале, изјави локален новинар за Би-би-си њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу затворениците имало и членови на банда обвинети за убиство на претседателот Жовенел Моиз во 2021 година.

Владата на Хаити доцна синоќа прогласи вонредна состојба и воведе полициски час во главниот град Порт-о-Пренс, соопштија властите.

„Владата на Хаити прогласува вонредна состојба во западниот дел на земјата, каде што се наоѓа и главниот град, за период од 72 часа“, се наведува во соопштението. Владата најави дека ќе ги лови убијците, киднаперите и другите насилни криминалци за кои верува дека избегале.

Полицијата, пожарникарите, возачите на брзата помош, медицинскиот персонал и соодветно идентификуваните новинари не мора да го почитуваат полицискиот час, се додава во соопштението.

„На полицијата ѝ е наредено да ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да го спроведе полицискиот час и да ги уапси сите прекршители“, рече министерот за финансии Патрик Боиверт, кој ја извршува функцијата премиер.

Насилството во Хаити, најсиромашната земја на американскиот континент, ескалира во последниве години. Бандите кои сакаат да го соборат привремениот претседател Ариел Хенри контролираат 80% од Порт-о-Пренс.

Последниот бран на насилство започна во четвртокот, кога претседателот отпатува за Најроби за да разговара за испраќање меѓународни безбедносни сили предводени од Кенија на Хаити.

Водачот на бандите Џими Шеризие започна координиран напад за да го отстрани Хенри. Тој рече дека нападот имал за цел да го фати шефот на полицијата на Хаити и министрите на владата и да го спречи Хенри да се врати.

„Сите ние, вооружените групи во провинциските градови и вооружените групи во главниот град, сме обединети“, изјави поранешниот полицаец за кој се верува дека стои зад неколку масакри во Порт-о-Пренс.

Во бранот престрелки загинаа четворица полицајци, а петмина се повредени. Француската амбасада на Хаити советуваше да не се патува во и околу главниот град.

Полицискиот синдикат на Хаити побара помош од војската за зајакнување на затворите, но нивниот штаб беше нападнат доцна вечерта во саботата.

Во неделата вратите на затворот сè уште биле отворени и немало полицајци, објави новинската агенција Ројтерс. Тројца затвореници кои се обиделе да побегнат лежеле мртви во дворот, се вели во извештајот.

Арнел Реми, адвокат за човекови права чија непрофитна организација работи во затворот, на Икс објави дека помалку од 100 од скоро 4.000 затвореници остануваат зад решетки.

„Јас бев единствениот кој остана во ќелијата“, изјави за Ројтерс еден неидентификуван затвореник.

Во затворот, изграден за 700 затвореници, од февруари минатата година биле сместени 3.687 од нив, објави организацијата за човекови права РНДДХ.

Од атентатот на претседателот Моиз, насилството е во пораст. Неговиот наследник сè уште не е избран, а избори не се одржани од 2016 година.

Според политичкиот договор, избори требало да се одржат и неизбраниот Хенри требало да се повлече од функцијата до 7 февруари, но тоа не се случи.

ОН во јануари соопштија дека повеќе од 8.400 луѓе биле жртви на насилство од бандите на Хаити минатата година, вклучувајќи убиства, повреди и киднапирања – двојно повеќе од бројот регистриран во 2022 година.

За неполни две недели, неколку државни институции биле нападнати од банди кои сè повеќе ги координираат своите акции и избираат некогаш незамисливи цели како што е Централната банка.

Полициските сили на Хаити имаат околу 9.000 полицајци кои се грижат за безбедноста на повеќе од 11 милиони луѓе, според податоците на ОН.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ