четврток, 30 јануари 2025

Волстрит џурнал со критика за првата недела на Трамп

Додека конзервативните медиуми во Соединетите Американски Држави имаат само пофални зборови за ефектот на новиот претседател на државата Доналд Трамп во првата недела од неговиот мандат, Волстрит џурнал, во сопственост на конзервативниот медиумски магнат Руперт Мердок, впечатливо се истакна со критики на негова сметка, пишува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Уредништвото на ВСЏ во посебен напис се изјасни против одлуката на Трамп да ги помилува осудените за дивеењето на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Овој медиум исто така оцени дека Роберт Ф. Кенеди Помладиот, како кандидат на Трамп за министер за здравство, „е опасен по јавното здравје“, му предложи на претседателот да се откаже од идејата за укинување на правото секој кој ќе се роди во Америка да стекне нејзино државјанство, кое е загарантирано со американскиот устав, а и два пати оцени дека Трамп згрешил со тоа што на поранешните функционери на САД кои ги загрозува Иран им ја укина специјалната заштита.

Волстрит џурнал изнесе и став дека Трамп покажал „впечатливо лошо размислување“ кога создал криптовалута со сопственото име, а како „нелегална амнестија“ го оцени претседателскиот указ со кој се одложува примената на федералниот закон за укинување на социјалната мрежа Тикток во САД, доколку нејзиниот сопственик не ја продаде некому кој не е од Кина.

ВСЏ, според оценката на АП, покажува дека и понатаму има сила во идејата на едиторијалот – написите во кои уредништвото на медиумот го искажува сопствениот став – откако за време на претседателската кампања сопствениците на Вашингтон пост и Лос Анџелес тајмс одлучија да се воздржат од давање поддршка било на Трамп или на Камала Харис како кандидати на своите партии.

Ставовите на Волстрит џурнал впечатливо се разликуваат од екстатичното одушевување со Трамп кое го покажуваат другите конзервативни медиуми во САД. Меѓу нив е и Фокс њуз, сопственост на Руперт Мердок како и ВСЏ, кој во понеделникот отиде до таму што сугерираше ликот на Трамп да се стави на планината Рашмор, покрај лицата на Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Теодор Рузвелт и Абрахам Линколн.

Волстрит џурнал е еден од лидерите на конзервативната мисла, но исто така и почитуван медиум во САД, оценува Асошиејтед прес.

Овој весник поддржа некои од првите чекори на Трамп на власт, меѓу кои укинување на политиката на диверзитет, еднаквост и инклузија во сојузните власти и отворање на Алјаска за дополнителен развој.

Иако оцени дека Трамп „искажал порака на аспирации и оптимизам која за повеќето Американци ќе биде добра“ и оцени дека неговите нови четири години на власт „би можеле да бидат успех“ ако неговите планови се преточат во стварност, ВСЏ имаше и критики, па помилувањето на осудените за упадот во зградата на Конгресот на 6 јануари 2021 година го нарече „многу лоша порака од претседателот во врска со политичкото насилство кое е извршено во негово име, и уште станува збор за манипулација“.

Оваа оценка е изнесена во контекст на претходните изјави на Трамп дека, кога ќе дојде на власт, ќе проценува кому ќе му даде помилување од случај до случај.

Укинувањето на безбедносната придружба за неговите некогашни соработници од првиот претседателски мандат, Мајк Помпео, Џон Болтон и Брајан Хук, на кои им се закануваат властите на Иран, „се чини како ново дно“, а „одлуките за безбедноста би требало да бидат засновани на неутрална проценка на опасноста, а не на одмазднички хирови“.

Овој весник е остар и во врска со одлуката на Трамп да влезе на пазарот на криптовалутите.

„Во првиот мандат, господинот Трамп од остварување на некои од неговите најлоши импулси го одвраќаа правните советници кои својата работа ја сфаќаа не само како служење на претседателот туку и на неговото претседателство. Криптовалутата е збунувачки знак дека актуелните советници на Трамп подеднакво на ја сфаќаат оваа разлика како ни тој самиот, или дека премногу се плашат за да прозборат“, оценува весникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ