сабота, 27 јули 2024
Војските на бивша Југославија со различни ставови

Војничката брада од Вардар до Триглав: дозволена во Словенија, Хрватска и БиХ, непожелнa во Србија, Црна Гора и Македонија

Војничката брада е составен дел од имиџот на војникот во западните области на поранешна Југославија, додека на истокот тоа сѐ уште не е можно, пишува порталот Балканска безбедносна мрежа.

Објавено на

часот

Сподели

„Додека носењето војнички бради во Словенија и Хрватска е прифатено и регулирано со правилник, во БиХ до неодамна беше контроверзно, а во Србија, Црна Гора и Северна Македонија брадата останува табу наследено од времето на ЈНА. Иако војските од Вардар до Триглав делат сличности како учество во исти мисии и обуки по исти стандарди, различниот однос кон изгледот на војникот упатува на различни сфаќања за имиџот и влијанието на нормите од минатото“, се вели во текстот.

Порталот наведува дека војничките бради не само што формално се дозволени во Словенија, туку и нашироко се присутни меѓу војниците и старешините, за што сведочат многубројните сцени од словенечките касарни, меѓународни вежби или контингенти во мисијата КФОР или во борбената група на НАТО во Летонија.

Правилото наведува дека должината на брадата не смее да надминува 20 милиметри, односно горното копче на кошулата, и дека мустаќите или брадата не смеат да пречат во користењето заштитна маска и друга опрема.

Војничката брада е добредојдена и во Хрватска, а дозволената должина е уште поголема отколку во Словенија. Судејќи според фотографиите од официјалните интернет-страници на хрватската војска, таа меѓу војниците е присутна во помала мера отколку во западното соседство“, се додава во текстот.

Порталот додава дека во Босна и Херцеговина прашањето за војничките бради се претворило во жестока дебата со верски, политички и етнички предзнак.

„Додека Министерството за одбрана зазеде став против, тврдејќи дека бричењето е неопходно за употреба на заштитна опрема, претседателот на Домот на народите на Парламентот на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, поднесе жалба, сметајќи дека со тоа се повредуваат верските права. Полемиката заврши со одлуката на Уставниот суд од 2021 година, со која се дозволува носење брада бидејќи било ‘повредено правото на приватен живот и правото на слобода на вероисповед гарантирано со Уставот на Босна и Херцеговина и Европската конвенција’“, се вели во текстот.

Новото правило за служење војска овозможило да се носи брада, а таа е најзастапена меѓу војниците од бошњачка националност.

Македонија, Црна Гора и Србија им останаа верни на прописите на ЈНА, кои дозволуваат војниците да имаат мустаќи, но не и брада.

„Регулативите на воениот имиџ на тој дел од Балканот сѐ уште во голема мера се засноваат на континуитет со поранешната ЈНА, каде што неприфатливоста на брадата имаше идеолошки предзнак. Дека во случајот на Србија не станува збор за практичност, туку за вкоренетото наследство од социјалистичкото минато, откриваат деталите од Правилникот за служба усвоен со указ на претседателот Борис Тадиќ во 2012 година, кој не дозволува брада за воениот персонал, со исклучок на воените свештеници и резервистите“, се вели во текстот.

Во Црна Гора слично е регулиран изгледот на војниците, така што мустаќите се дозволени, а брадите не, што не се разликува од ситуацијата во Македонија.

„Во Војската на Северна Македонија, зулуфите може да се носат до половина од увото, а косата не смее да паѓа на ушите или да штрчи преку работ на баретката, капата или шапката. Брада не смее да се носи, а мустаќите не смеат да преминат преку горната усна“, се додава во текстот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ