Студијата, објавена во списанието Нејчр Астрономи, сугерира дека откритието значи дека планетите погодни за населување би можеле да почнат да се формираат милијарди години порано отколку што се мислеше, и пред да се формираат првите галаксии.
Даниел Вејлен, од Институтот за космологија и гравитација на Универзитетот во Портсмут, кој ја предводеше студијата, изјави дека тоа е прв пат водата да биде идентификувана со истражувачки модели во раниот универзум, пренесува Њу сајантист.
Според симулациите користени за студијата, молекулите на водата почнале да се формираат веднаш по првите експлозии на супернова, познати како Поп III (Pop III) супернова.
Тие биле неопходни за создавање на тешки елементи како што е кислородот, кои се неопходни за постоење на вода.
„Пред да експлодираат првите ѕвезди немало вода во универзумот бидејќи немало кислород. Само многу едноставни елементи ја преживеале Големата експлозија – водород, хелиум, литиум и траги од бариум и бор“, изјави Вејлен.
„Кислородот, создаден во срцето на овие супернови, се комбинира со водород за да формира вода, отворајќи го патот за создавање на основните елементи потребни за живот“.
Вејлен објасни дека тимот, во кој имало научници од Универзитетот на Обединетите Арапски Емирати, испитувал два типа на супернови.
Тоа беа супернови со колапс на јадрото, кои произведуваат скромни количини на тешки елементи, и „поенергични“ Поп III супернови.
Студијата покажа дека двата типа на супернови формирале густи купчиња гас збогатен со вода.
Ваљен рече дека иако количината на произведена вода е „скромна“, таа е многу концентрирана во јадрото на облакот – густи региони на гас – за кои се верува дека се родни места на ѕвезди и планети.
„Клучното откритие е дека исконските супернови создале вода во универзумот, пред првите галаксии. Значи, водата веќе била клучна состојка во првите галаксии“, додаде тој.
„Ова имплицира дека условите неопходни за потеклото на животот постоеле многу порано отколку што некогаш сме замислувале – тоа е значаен чекор напред во нашето разбирање на раниот универзум“, изјави Вејлен.
„Иако вкупните водни маси беа скромни, тие беа високо концентрирани во единствените структури способни да формираат ѕвезди и планети. И тоа сугерира дека планетарни дискови богати со вода можеле да се формираат во космичката зора, дури и пред првите галаксии“.