„Очекувам реферирање на следната седница на Влада, во вторник. Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредни параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и ланци, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка“, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека ги разбира граѓаните и нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со разговор помеѓу сите засегнати страни.
„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата помеѓу Владата и трговците“, додаде Мицкоски.
Премиерот не ја исклучи можноста да се донесат мерки во однос на цените на производите уште на седницата во вторник, на која ќе реферира и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а на која ќе бидат поканети и други надлежни институции.
Мицкоски денеска најави и нова инвестиција во земјава до крајот на овој месец.
Премиерот кажа дека во завршна фаза се преговори со петнаесетина потенцијални инвеститори, со што очекува да биде надмината бројката која ја соопшти во ноември од една милијарда односно 1,040 милијарда евра.
„Во завршна фаза сме на околу 15-тина инвестиции, дел од нив се веќе завршени, со дел од нив преговараме. Со дел од нив сме во потесна конкуренција со некои други земји, односно во најтесна конкуренција се одлучува помеѓу нас и уште некоја земја. Јас очекувам дека со огромен процент на реализација овие инвестиции ќе бидат успешни. Очекувам овој месец една таква инвестиција со нови 200 работни места и вредност од околу 25 милиони евра да се стави камен темелник. Друга да се пушти во април месец и потоа некаде помеѓу март и јуни барем нови пет инвестиции – или да се фрли камен темелник или да се донесе одлука за инвестиција во земјава“, рече Мицкоски кој беше на настан во општината Аеродром.
Неговите очекувања, како што кажа, се дека овој тренд кој што заклучно со ноември беше околу милијарда и 40 милиони евра да биде поголем на крајот на годината.
„Народната банка кон крајот на овој месец ќе ги објави тие податоци со што со засилувањето од мај месец наваму и интензивирањето на инвестирањето ќе бидеме држава со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, што е добро бидејќи сето она кое тие го произведуваат ќе влезе во пресметката за БДП“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски ја најави и изградбата на нов автопат од Букојчани до Кичево, со што ќе се направи комплетно ново автопатско поврзување од Тетово, преку Гостивар, Букојчани, Кичево до Охрид. Останува дискутабилен уште делот од Требеништа до Ќафасан, бидејќи како што рече, станува збор за дел кој влегува во зоната заштитена од УНЕСКО, за што се бара решение.
„Проектот од Букојчани до Кичево ќе биде финансиран со заем од ЕБРД, од околу 130 милиони евра, од нив 20 – тина милиони гранд компонента. Очекувам да биде завршен крајот на 2028 или првата половина на 2029 година кога се планира и овој другиот прокет од Тетово до Букојчани да биде завршен со што ќе добиеме една комплетна целина. Сега е објавен јавниот повик кој што е претквалификација. Очекувам до март да заврши и потоа да се објави повик за компаниите на кој ќе се квалификуваат и да ја избереме најдобрата компанија. Очекувам тоа се да заврши до крајот на годината“, вели Мицкоски.