Од М-НАВ, пак, велат дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата што ја одржале вчера со Управниот одбор, бидејќи, како што потенцираат, раководството ги исполнило поставените барања.
„Договорено е роковите за пријавување кандидати за вработување да траат миниум 10 работни дена и соодветно да бидат информирани и членовите на синдикалните претставници, како и дека ќе се даде приоритет на неопходни вработувања на оперативниот персонал, како контролири на летање, инженери и техничари. Исто така, договорено е да се зголеми сумата за јавната набавка за консултантски услуги за анализа на систематизација на работните места, а рокот за пријавување да биде 15 работни дена. Исполнети се и барањата за реновирање на просториите на М-НАВ, односно да бидат активно вклучени во активностите, како и да се забрза целиот процес за отпочнување на тендерската постапка за што е издаден налог на вработените од секторот за воздухопловна навигација и Секторот за воздухопловна техника да изготват техничка спецификација. Проблемот со водоснабдувањето веќе е саниран, а преземени се дополнителни мерки за конечно решавање“, изјавија за МИА од Секторот за односи со јавност во М-НАВ.
Најавениот штрајк, како што изјави претходно претседателот на ССКЛ, „е поради непрофесионалното однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“.
„Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор за дополнителни вработувања – на почетокот на месецов“, рече Тасевски во најавата за штрајкот за кој добија поддршка и од Здружението на контролори на летање.
Контролорите за летање реагираат и за застарената опрема која, како што велат, откако е инсталирана во 1999 година, досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години.
Во реакција за најавениот штрајк, раководството на М-НАВ тогаш ги отфрли тврдењата на Синдикатот, наведувајќи дека ги презема сите активности за инвестирање, реализација и имплементација на навигациска опрема, како и дека сите вработувања за контролори на летање, се спроведувале според строгите критериуми на Еуроконтрол и интерните акти.
Фото: П.Џ.