Главната програма на манифестација „Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери. Првата вечер именувана „Омаја“ е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.
Првиот мултидисциплинарен настан од фестивалската вечер „Омаја“, во форма на музички и визуелни колоритни творби, ќе се обиде да ги детерминира и да приложи одредена поетика за трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен.
Вториот дел од фестивалската вечер „Омаја“ замислен како прослава и славење на основањето на манифестацијата ќе биде одбележан преку музички концерт. Некои од уметниците ќе направат музички современ осврт на познатата песна „Смилево славно в оган гори“. Целиот настан, преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност), ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници: уметниците готват специфични рецепти од нивната кујна и кулинарски навики за публиката.
„Ритам и плетка“ е концептот на втората фестивалска вечер, која повеќе е насочена кон современиот аспект на манифестацијата. Во втората фестивалска вечер ќе настапат меѓународни изведувачи и македонски автори чии фокус е во современиот концепт на авторската уметност со нитки од традицијата, каде традицијата е во служба на наративот а не во чисто покажување на виртуозна техника или директна разголена естетика.
Организторите најавија дека ќе има и бесплатен автобуски превоз од Битола до Смилево. Автобусите кон Смилево ќе тргнуваат во 18 часот од главната автобуска станица во Битола, додека за назад е организран превоз во 1 часот по полноќ и тоа на двата фестивалски денови, 17 (денеска) и 18 (утре) мај.
Смилевски конгрес е конгрес на Битолскиот револуционерен округ одржан од 2 до 7 мај 1903 во село Смилево, демирхисарско. На овој конгрес бил ставен крај на полемиките околу прашањето за востание и било решено да се крене востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско. На 2 август 1903 година започна Илинденското востание како борба против османлиската власт.