Свеченото врачување на оваа значајна награда, која ја започна „Утрински весник“ и ја доделуваше до неговото згаснување, а потоа ја презеде Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе протекне и во знакот на големиот јубилеј, 25-годишнина од нејзиното постоење. Во рамките на свеченоста ќе биде отворена изложба „25 години Роман на годината“ на која ќе бидат претставени сите дела – досегашни носители на ова признание. Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на Фондацијата, која се состои од сите нагредени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од оснивачите на „Утрински весник“ и на наградата „Роман на годината“. Тој беше иницијатор за формирање на Фондацијата „Славко Јаневски“ со цел наградата да може да опстои и натаму.
На свеченоста ќе бидат врачени благодарници на поединци и организации што придонеле за развојот на наградата, ќе бидат емитувани видео материјали за нејзиниот развој, а сето тоа ќе биде проследено со музички настап на џез бендот на Гоце Стевковски.
Во рамките на обележувањето на јубилејот, Фондацијата „Славко Јаневски“, заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организираше дебата за македонскиот роман и современите тенденции во светската книжевност. Од Фондацијата најавуваат низа други активности и содржини со кои ќе го обележуваат јубилејот во текот на целата година.
Наградата е поддржана од Министерството за култура, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје.