сабота, 27 јули 2024
Стопирано градежното дивеење во Националниот парк

Во Маврово нема повеќе да може да се гради на кој како ќе му текне

Две години откако адвокатот Драган Пешевски поднесе иницијатива за заштита на уставноста и законитоста, Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од Советите на поранешната општина Маврови Анови и општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015 година. Ова значи дека во иднина, за да може да се гради на одредени локации во Националниот парк Маврово, а за кои Судот донесе Одлука, ќе мора да се донесат нови урбанистички планови.

Објавено на

часот

Сподели

Уставниот суд ги укина урбанистичките планови на општините Маврови Анови и Маврово и Ростуше донесени во 2001 односно 2015 година. Ова значи дека двете општини отсега па натаму нема да смеат да издаваат одобренија за градба областите во општините што се опфатени со укинатите одлуки.

Маврови Анови донеле план без согласност од надлежното министерство 

Со ваквата одлука, се потврдија сомнежите на Уставниот суд искажани во јануари годинава, дека двата оспорени урбанистички планови не можеле да бидат усвоени затоа што или ја немале целосната потребна документација што ја издаваат надлежни институции или издадените согласности од институциите не биле во согласност со Уставот и законите.

„Судот во оваа фаза од постапката меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од Министерството за транспорт туку истата е прибавена три месеци подоцна. Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, Судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност“, објаснија тогаш од Уставниот суд.

Што се однесува до првата одлука, Судот утврди дека оспорениот урбанистички план усвоен од Советот на поранешната општина Маврови Анови е донесен без согласност од Министерството за транспорт и врски затоа што урбанистичкиот план за село Леуново е донесен на 19 јули 2001 година, а министерство Согласноста ја издало три месеци подоцна односно на 8 октомври 2001 година.

„По однос на второоспорената одлука за усвојување на УДНМ за село Леуново, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена без согласност од надлежното министерство, односно Согласноста е дадена по донесување на оспорената одлука. Судот при уставно-судската анализа го имаше во вид и Законот за заштита на природата, како и конкретни одредби од истиот, а во корелација со Законот за градење и Законот за водите, како и Одлуката со која Маврово има правен статус на национален парк“, пишува меѓу другото во Одлуката на Уставниот суд.

Усвоиле план со незаконски издадени дозволи од надлежните

Што се однесува до урбанистичкиот план од 2015 година донесен од Советот на општина Маврово и Ростуше, од Судот велат дека од доставената документација и утврдената фактичка состојба произлегува дека планот е донесен со почитување на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, но по однос на дејствијата преземени во конкретните фази на постапката Судот утврдил дека дадените согласности од надлежните институции не се во согласност со одредбите од Законот за градење, Законот за водите и Законот за заштита на природата.

„Според Судот, издаденото мислење од Управата за животна средина од 18 октомври 2012 година не е во согласност со одредбите од Законот за заштита на природата кои се во согласност со режимот на заштита утврден во актот за прогласување на заштитено подрачје и националната еколошка мрежа и планот за управување со заштитеното подрачје од член 16, како и член 58 но и со одредбите кои се однесуваат на забрана за изградба на објекти или стопанисување со крајбрежјето на водните живеалишта каде е утврдена забрана за изградба на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори, покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера, како и плавените рамнини на водотеците. Исто така, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за градење, во кој е утврдена категоризација на градбите и надлежност за давање на дозвола за градење“, велат од Устваниот суд.

Маврово и Ростуше ја немале документацијата, Уставен се снаоѓал како знаел

На Уставниот суд му требаше две години за одлучи по иницијативата на адвокатот Драган Пешевски дали двата спорни урбанистички планови се во согласност со Уставот и законите. Од судот не кажуваат зошто им биле потребни две години, но МКД.мк дознава дека причините се недоволниот број судии во минатото и тоа што Уставниот суд не можел да ја прибави потребната документација затоа што општина Маврово и Ростуше ја немало.

Уставниот суд пет пати интервенирал до општината Маврово и Ростуше, но ниту тогаш немало ефект. Затоа Судот во септември минатата година ја пријавил општината до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Откако и понатака немало реакција Уставниот суд, во октомври 2023 година се обратил до Антикорупциската комисија.

„Судот немаше доволно докази и документи и работеше со речиси минимум документација затоа што чекаше општината да ја достави потребната документација. Но таа не му беше доставена на Судот со образложжение дека општината Маврово и Ростуше ја нема таа документација. Беше доставен некој мал дел од документите. Затоа Судот се обрати до Антикорупциската комисија која пред Нова година ги достави документите до Уставниот суд“, велат нашите извори.

Хотел Радика останува стопан на водоводот во Маврово

Освен двата урбанистички планови, Пешевски пред Уставниот суд ја имаше оспорено и Одлуката на општина Маврово и Ростуше со која општината на хотел Радика му го отстапува водоводот на стопанисување, водовод од кој хотелот во Леуново се снабдува со вода.

„Судот ја отфрли иницијативата за испитување на уставност и законитост на Одлуката за отстапување со стопанисување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена во 2019 година бидејќи нема надлежност за постапување, односно поради фактот дека оваа Одлука има карактер на поединечен, конкретен акт во кој се утврдени меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на услугите и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото“, велат од Уставниот суд.

Одлуката на Уставниот суд е донесена со мнозинство гласови од деветте судии. Од судот не прецизираа кои судии биле против укинувањето на урбанистичките планови и со кое образложение. МКД.мк дознава дека еден од деветте судии бил против но тој нема да објави издвоено мислење со образложение за таквиот свој став.

МКД.мк веќе неколку години наназад пишува за уништувањето на Националниот парк Маврово преку незаконска и неконтролирана градба.

Во Основниот суд во Гостивар се води и повторена судска постапка против татко и ќерка од Косово кои спротивно на законот градат цела населба со бунгалови во Маврово. Но ниту една година подоцна судењето никако да почне.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ