сабота, 27 јули 2024
Пак одложен повторениот судски процес во Основниот суд Гостивар

Една година никако да почне судењето за бесправно изградените бунгалови во Леуново, дојде обвинетиот татко ама не и ќерката

Пропадна и обидот на 3 април да почне и да се одржи судење во Основниот суд во Гостивар во кои им се суди на Шериф Рамука и Блерта Рамука, татко и ќерка од Косово обвинети за бесправно градење на бунгалови во Леуново. Според информациите од судот, на ова судско рочиште пред неколку дена се појавил обвинетиот татко како и претставник од фирмата „Радика резорт“, а ќерката не се појавила на судското рочиште. Одбраната на обвинетата која не доаѓа на рочиштата презема обврска да го обезбеди присуството на Блерта Рамука за следниот пат, односно за 28 мај. Обвинетите татко и ќерка до сега не се појавија на шест рочишта, па потоа дојде таткото, но не се појави ќерката, а сега ситуацијата на почетокот на април е повторно иста. Овој повторен судски процес повеќе од една година никако да почне.

Објавено на

часот

Сподели

Апелацискиот суд Гостивар ја укина првостепената пресуда за обвинетите татко и ќерка, Шериф Рамука и Блерта Рамука и двајцата од Косово и правното лице „Радика резорт” ДООЕЛ увоз извоз с.Леуново Општина Маврово и Ростуше кои беа ослободени од вина за бунгалови на брегот од Мавровското Езеро. Во одговорот што МКД.мк го доби за причините за укинувањето на првостепената одлука стои дека Основниот суд Гостивар во текот на повторување на постапката треба повторно да ги изведе сите докази изведени во текот на главната расправа, правилно да ги анализира и цени и притоа тие да не противречат на вербалните и материјалните докази. По ова второстепениот суд го задолжува првостепениот суд да донесе законски заснована одлука.

Но, одлуката никако да се донесе бидејќи никако да започне повторениот судски процес.

Жалбата на Основното јавно обвинителство Гостивар е поднесена против пресудата на Основниот суд Гостивар  К.бр. 245/22 од 7 јули 2022 година е уважена, а пресудата е укината. Предметот со сите списи е вратен на повторено судење со дадени упатства при повтореното судење по предметот судот повторно да ги изведе доказите изведени во текот на главната расправа, истите правилно да ги анализира и цени и притоа утврдените решителни факти да не се противречни со содржината на изведените вербални и материјални докази, а со таквото постапување врз основа на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на КЗ првостепениот суд да донесе правилна и на закон заснована одлука“, се вели во одговорот до МКД.мк од Основниот суд Гостивар минатата година. 

Главна расправа беше закажана за ден 17 март 2023 година која што е одложена поради отсуство на обвинетите и нивните бранители, а расправата е одложена за 6 април 2023 година. И оваа расправа е одложена поради отсуство на обвинетите и бранителот Јовица Стефановски адвокат од Скопје и била презакажана за 12 мај 2023 година. На оваа расправа беа присутни бранителите , но не присуствувале обвинетите уредно повикани по што судот закажал нова расправа за 4 јули 2023 година. На ова рочиште повторно е одложена расправата поради отсуство на обвинетите и бранителот кој што до судот доставил поднесок дека е зафатен, па судењето е презакажано за 27 септември 2023 година. И на ова судење обвинетите не се појавила, а адвокатот доставил известување дека е на патување во Црна Гора. Нова расправа судот закажал за 7 ноември 2023 година. Овие датуми се сите кои беа закажани во текот на минатата година, а судењето не почна бидејќи не доаѓаат обвинетите. 

Јавен обвинител кој го застапува обвинението е Хазби Исеини од Основно јавно обвинителство Гостивар, а тој бил присутен на закажаното рочиште сега во април.

Во Пресудата која е укината во делот на образложението не е наведено дека јавниот обвинител доставил извод од казнена евиденција како доказ за осудуваност или неосудуваност на Шериф Рамука и Блерта Рамука.

Пресудата е донесена на 4 јули 2022 година, а јавно објавена на 7 јули 2022 година во која пресуда застапникот на обвинението не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат.

Обвинетите во текот на првата постапка кажале дека не чувствуваат вина за овој случај, а нивниот законски застапник пред судот истакна дека постојат докази со кој ќе му предочат на судот дека ниту двајцата обвинети, ниту нивната фирма немаат вина за бесправното градење на градбите на брегот на Мавровското Езеро.

Гостиварското обвинителство на почетокот на февруари 2022 година поднесе обвинение против татко и ќерка, државјани на Косово, како и против нивната фирма, заради бесправно градење на бунгалови во Леуново, блиску до езерото.

Првото закажано рочиште за овој предмет требаше да се одржи 2022 на 31 март, но се одложи поради неуредна достава до фирмата обвинета во овој процес. Повторениот судски процес откако беше укината првостепената пресуда не почнува повече од една година.

Во обвинителниот акт постоечка адреса за фирмата има само од Косово, но поканата за почеток на судењето која се однесува на фирмата не стасала до таму.

Во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика резорт” поднесени беа три кривични пријави.

На 5 октомври 2022 година двајца управители на „Радика резорт” од Леуново добија кривични пријави. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика резорт” ДООЕЛ увоз-извоз. Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика резорт” ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект „Радика резорт” ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење.

„И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник од страна на Одделението за инспекциски надзор при Општина Маврово и Ростуше за запирање на изградбата, пријавените преку правно лице ДТТУ „Радика резорт” ДООЕЛ увоз-извоз (инвеститор) продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика”, соопшти тогаш Управата за финансиска полиција.

На 8 октомври 2021 година поднесена беше уште една кривична пријава за дивоградбите во Леуново, против сопственикот на „Радика резорт” Шериф Рамука (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Р. (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”. Во периодот од 10 јули до 20 септември, на место сопственост на хотел во село Леуново, општина Маврово и Ростуше, Ш.Р., сопственик на фирма, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнал изградба на осум објекти – бунгалови од цврста градба”, соопшти тогаш МВР.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ