сабота, 27 јули 2024
Стручна расправа за предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки

Странското право не може директно да се применува, потребен е македонски Магнитски закон, препорачуваат експертите

Неспорна е потребата од сериозна расправа за изнаоѓање најсоодветни механизми за последиците од правните акти на странски држави, што е и главен повод за измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки е главниот заклучок од стручната распрва што ја организираше Здружението за кривично право и криминологија  (ЗКПКМ). На расправата уште беше заклучено дека неопходно потребен е комплексен закон којшто ќе се вклопи во националниот правен систем и ќе биде во согласност со правата загарантирани со Уставот. Само со ваквиот пристап, се согласија учесниците во расправата, ќе се овозможи последиците од мерките да добијат национална основа, бидејќи за разлика од директната примена на конвенциите, странското право не може директно да се применува.

Фото: ЗКПКМ

Објавено на

часот

Сподели

Постојат повеќе аспекти кои мора да се земат предвид за да се донесе комплексен закон за рестриктивни мерки кој ќе биде во согласност со уставно загарантираните права на граѓаните, заклучија учеснците на стручната расправа за предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки што ја организираше Здружението за кривично право и криминологија  (ЗКПКМ).

„Треба да се земат предвид повеќе аспекти, меѓународниот аспект односно обврските што државата ги презела со меѓународните конвенции и членувањето во меѓународни организации, законодавството на САД во однос на мерки за ограничување на луѓе поради сериозни кршења на човековите права и тероризмот, уставниот аспект односно владеењето на правото, поделбата на власта, заштита на сопственоста и на другите права на граѓаните. Исто така предвид треба да се земе и кривично-правниот аспект односно кои кривични дела ќе бидат опфатени со законот, кривично-процесниот аспект односно какви овластувања ќе има јавниот обвинител при постапувањето, како ќе се изрекуваат привремените мерки кон имотот и неговото обезбедување ако има подоцнежна конфискација, како и аспектите на финансиското разузнавање“, согласни се правните експерти кои учествуваа на стручната расправа.

Сè што е предвидено со измените е погрешно

Ставањето на Владата на чело на борбата со корупцијата и организираниот криминал не само што го крши Уставот и меѓународното право со самото тоа што е спротивно на начелото за поделбата на власта и на владеењето на правото, туку е спротивно на сите сознанија за корупцијата затоа што политичката елита на извршната власт по правило е мотор на корупцијата и впрочем по природата на работите е во најповолна положба да ја злоупотребува власта концентрирана кај неа, предупредува универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.

Во анализата што Калајџиев ја направи на почетокот на месец февруари годинава, а која беше детално дискутирана на стручната дебата, тој вели дека сè што е предвидено со овие измени е погрешно, почнувајќи од тоа што МНР и безбедносните служби ќе имаат одлучувачка моќ, бидејќи се предлага да се надлежни органи кои ќе доставуваат предлози за воведување на рестриктивни мерки.

„Овие правни акти од странска држава прво директно никаде не се применуваат во трета држава, се мисли на црните листи, тие во суштина се една политичка одлука и тешко би можело каква било црна листа од една држава да има директни последици во друга, па макар и да се признае. Обврската за обвинителството да мора да поведе постапка е исто така спротивно на Уставот и Законот за кривична постапка. ЈО треба да поведе постапка, да, но тогаш кога има докази“, вели Калајџиев.

Тој оценува дека измените на овој закон имаат политичка цел, по бројните забелешки од јавноста дека домашните органи не преземаат ништо за лицата кои САД ги стави на нивната „црна листа“.

„Многу е јасно, политички гледано е собирање на некои поени. Демек еве сега ние сме сериозни, на сите овие критики ќе одговориме со некоја мерка која ќе биде оригинална и ќе даде резултати, ама на погрешна патека е. Би било фино кога би нашле некое решение, меѓутоа ова сигурно не е такво решение“, вели Калајџиев.

Владата може да носи одредени рестрикции ама не и мерки на забрана

За експертите предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки содржат погрешен пристап. За нив не е спорно дека Владата е надлежна да донесува одлуки за рестрикиции кои се резултат на правни акти на меѓународните организации кои директно се применуваат и на кои државата се обврзала при членството во организациите.

„Но Владата не е надлежна да донесува мерки на забрана, финансиски мерки против домашни физички и правни лица врз основа на правни акти донесени од странски држави затоа што странското право не може директно да се применува. Ова се надлежности на судот и предложените измени се генератор за активирање на уставните механизами за заштита. Едновремено се појавуваат многу дилеми во однос на механизамите за ефикасно спроведување на правните акти на странската држава, бидејќи доаѓа до допир на законодавства на различни држави. Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, пропишува во кои случаи само со судска одлука определени права и слободи може да бидат ограничени, а поделбата на власта ја вбројува во рамките на темелните вредности на кои почива уставниот поредок“, едногласни се правните експерти.

Според нив, предложените измени излегуваат и надвор од рамките на правните акти на странските држави, каде што покрај тероризмот, повредата на човековите права и значителната корупција, опфатени се и кривични дела против службената положба, но и таканаречените хибридни активности против државата.

„Прешироко е да бидат опфатени сите кривични дела против службената должност, а од друга страна сосема е нејасен и недефиниран поимот ‘хибридни активности против државата’ , којшто ниту е познат во домашното казнено законодавство, ниту постои како начин на делување на некои инкриминирани кривични дела, ниту е објаснет и дефиниран во предложените измени. Мерките што имаат карактер на санкции, согласно толкувањето на Европскиот суд за човековите права (ЕСЧП), мора да се изрекуваат согласно домашното законодавство и да се обезбеди соодветна судска заштита“, констатираа учесниците во стручната расправа.

Академик Владо Камбовски смета дека со вака предложените мерки може да се создадат проблеми од аспект на заштита на човековите права.

„Ние сметаме дека на овој начин нема да се обезбеди нивна ефективност, а покрај тоа законот принципиелно не е поставен врз добра концепциска основа, бидејќи меша две работи, од една страна се рестриктивните мерки донесени од меѓународни организации, како Обединетите нации и Советот за безбедност во кои членува и земјава, а од друга страна рестриктивни мерки од САД и Велика Британија донесени врз база на Магнитски акт. Слични закони како овој акт се донесени и во други земји како Канада, Австралија, Чешка, Естонија, Литванија, Латвија со што останува отворено прашањето како ќе се адресираат правните акти што во овие држави би се однесувале на наши државјани“, смета академик Владо Камбовски.

На Македонија ѝ треба домашен Магнитски закон

Анализирајќи го Законодавството Магнитски, што како такво го има во САД, Обединетото Кралство и Северна Ирска, Канада, Австралија, но и во некои европски држави како на пример, Чешка, Естонија, Литванија, Латвија…, учесниците на дебатата констатираа дека останува отворено прашањето како ќе се адресираат правните акти што во овие држави би се однесувале на наши државјани. Во оваа смисла, расправата доведе до заклучок дека станува збор за три аспекти што треба да се имаат предвид и коишто не може да се комбинираат туку треба посебно да се уредат со закони.

„Треба автономно законски да се уредат правни акти на меѓународни организации за коишто Владата донесува одлука, да се донесе домашен таканаречен Магнитски закон според кој домашните власти би донесувале правни акти за странски државјани и ззаконско уредување за спроведувањето на правните акти на странска држава во однос на домашни државјани“, препорачуваат правните експерти.

МКД.мк веќе пишуваше за Законодавството Магнитски и македонскиот правосуден систем.

„Црната листа“ на САД е неформален правен акт и како таков во други држави не може да произведе правни последици освен во САД. „Црната листа“ произлегува од таканаречениот Магнитски Акт.

Фото: transcend.org

Во САД, Законодавството Магнитски (Magnitsky Act) е усвоен во 2012 година со потпишувањето на овој акт од страна на тогашниот претседател Барак Обама. Актот е збир од закони што предвидуваат владини санкции против странци што извршиле прекршување на човековите права или биле вклучени во значителна корупција. Сергеј Магнитски бил руски сметководител што во 2008 година открил даночна афера на руски службеници, кои според него украле 230 милиони долари.  Поради тоа тој бил уапсен и затворен под обвинение за помагање во даночно затајување. Магнитски умрел во притвор во ноември 2009 година. Неговите приврзаници тврдат дека причина за смртта е полициска бруталност, односно дека Магнитски бил претепан до смрт од затворската полиција.

Предлог-измените содржат несоодветни правни термини

Поради неприфатливиот концептуален пристап, експертите укажуваат дека во предложените измени се забележуваат термини коишто стручно и терминолошки се несоодветни и не се користат во македонското законодавство, што, според нив, може само дополнително да го отежни нивното правилно толкување и спроведување.

„Нагласуваме дека пости недоволна издиференцираност помеѓу мерки и иницијативи, дали иницијативите се посебни мерки или се во рамките на финансиските мерки и дали за нововнесените правни акти може да се определат сите наведени рестриктивни мерки или само иницијативите. Системот на реакција врз основа на донесените правни акти може да биде ефективен и според постојното законодавство. Во оваа смисла потребно е зајакнување на активностите на Координативното тело, потребно е претставникот од Јавното обвинителство да го води ова тело и на тој начин да се обезбеди соодветна активност на обвинителството во рамките на неговите пропишани надлежности. Ако отсуството на реакција се должи на недоволна координација, овој аспект треба да се зајакне и ефектите од правните акти да се вметнат во домашната казнено правна рамка“, препорачуваат правните експерти, учесници на стручната расправа за предло-измените на Законот за рестриктивни мерки организирана од ЗКПКМ.

На иницијатива на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи предложи измени на Законот за рестриктивни мерки според кој, „црната листа“ на САД станува дел од македонското законодавство кое го обврзува обвинителството да мора да покрене постапка за луѓе или фирми кои ќе се најдат на американска листа која предвидува санкции за оние кои спред американските власти се вмешани во значителна корупција.

Овој предло-закон беше последниот што го потпиша поранешниот премиер Димитар Ковачевски по што поднесе оставка заради формирање на техничката Влада.

По бурните реакции во јавноста, предло-измените беа повлечени, доработени, повторно одобрени но од новата техничка Влада на чело со Талат Џафери и повторно испратени на усвојување во Собранието. Негативно мислење даде и Министерството за правда.

На стручната расправа учествува академици, универзитетски професори, претставници од ЗКПКМ, МВР, Управата за финансиско  разузнавање, Јавното обвинителство, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и судии и адвокати. Од Здружението за кривично право и криминологија  (ЗКПКМ) велат дека иако поканети, на расправата не присуствувале претставници од Министерството за надворешни работи (МНР), како предлагач на измените на Законот за рестриктивни мерки, ниту од Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска како иницијатор на измените, ниту претставници од Министерството за правда, чијшто став, велат од ЗКПКМ остана неразјаснет со оглед на даденото негативно мислење во однос на измените и ставот на министерот Кренар Лога  кој го поздрави повлекувањето на измените  на Законот за рестриктивните мерки.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ