вторник, 25 февруари 2025

Во Македонија годишно умираат околу 4.000 луѓе како последица на загадениот воздух

Загадениот воздух особено оној со лебдечки честички (ПМ2.5 и ПМ10) како што е случајот со повеќето градови во Македонија се поврзува со бројни здравствени исходи особено со заболувањата на респираторниот и кардиоваскуларниот систем и зависат од бројни фактори како што се индивидуалните карактеристики, пол, возраст, генетски и наследни заболувања, коморбидитети, животни стилови…, како и од концентрацијата на материјата што загадува и времетраењето на изложеноста на неа, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Проценките на ИЈЗ за периодот 2019-2021 покажуваатѝѝѝ дека годишно, Македонија губи 4.175 животи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички. Според последните проценки од 2024 година кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година, годишно умираат 291.4 луѓе на 100.000 жители заради тековниот квалитет на амбиентниот воздух.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) напоменуваат дека при исти измерени концентрации, ефектите кај изложеното население може да бидат различни затоа што многу важен фактор е и хемиската композиција односно состав, што со себе ја носат тие честички како што се тешки метали, сулфати, хлориди…

„Долготрајната изложеност на високо ниво на загадување на воздухот е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак. Кога станува збор за амбиентното аерозагадување, станува збор за еколошка нееднаквост која ги влошува здравствените разлики, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми особено на оние сиромашните и социјално загрозените групи на население“, велат од ИЈЗ.

Загадениот воздух предизвикува рак кај луѓето

Интуитивно, загадениот воздух најчесто се поврзува со респираторни заболувања, канцерогени заболувања, циркулаторни заболувања, дијабет 2 како и пренатални и детски болести, објаснуваат од Институтот за јавно здравје.

„Хроничната опструктивна белодробна болест – ХОББ вклучува емфизем и хроничен бронхитис, кои се влошуваат со долготрајна изложеност на загадувачи како што се честички-ПМ2,5, азот диоксид-NO2 и озон-O3, особено озонот и ситните честички, може да предизвикаат напади на астма и да ги влошат симптомите, особено кај децата и лицата кои веќе имаат астма, инфекции на белите дробови, зголемена подложност на респираторни инфекции, вклучувајќи пневмонија и бронхитис, бидејќи ја ослабува одбраната на белите дробови. Долготрајната изложеност на загадување на воздухот, особено од канцерогени како бензен и други испарливи органски соединенија-VOCs, е поврзана со зголемен ризик од рак на белите дробови. Лебдечките честички и загадениот амбиентен воздух вклучително и загадувањето поврзано со сообраќајот се класифицирани во група 1, сигурно канцерогени по здравјето на луѓето од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот“, велат од ИЈЗ.

Од циркулаторните заболувања како последица од аерозагадувањето најчести се кардиоваскуларните и цереброваскуларните заболувања како што се инфарктот на миокардот, слабост на срцето, мозочни удари атеросклероза (масни наслаги во артериите), хипертензија, аритмии (абнормален срцев ритам) особено кај луѓе кои веќе имаат срцеви заболувања. Долготрајната изложеност на загаден воздух е поврзана и со зголемен ризик од исхемичен мозочен удар (предизвикан од блокирање на крвните садови што водат до мозокот). Ситните честички PM2,5 можат да предизвикаат воспаление и оксидативен стрес, што доведува до стеснување на артериите и зголемен крвен притисок, згрутчување на крвта и зголемена артериска вкочанетост (ригидност).

„Загадувањето на воздухот, особено ситните честички, е поврзано со поголем ризик од развој на дијабетес тип 2, веројатно поради воспаление и метаболички нарушувања предизвикани од загадувачите“, предупредуваат од ИЈЗ.

Децата во опасност од нарушувања во однесувањето

Она што особено загрижува е фактот што бремените жени изложени на високо ниво на загаден воздух се изложени на поголем ризик од предвремено породување или раѓање бебиња со мала родилна тежина што доведува до ризик од пренатални и детски болести.

„Може да се појават развојни проблеми кај децата како што се оштетување на развојот на белите дробови, намалени белодробни капацитети, чести инфекции особено во првата година по раѓањето, појава на астма и влошување на постоечката астма доколку настанала од други причини, влијае на развојот на мозокот, придонесувајќи за когнитивни нарушувања и проблеми во однесувањето, АДХД или појава на пореметувања од спектарот на аутизам. Долготрајната изложеност на загаден воздух може да придонесе за опаѓање на когнитивните способности и да го зголеми ризикот од невродегенеративни болести како Алцхајмерова болест“, велат од ИЈЗ.

Загадениот воздух може да има несакани исходи за бремените жени како што се гестациона хипертензија, прееклампсија, раѓање мртвородено дете дури и постпартална депресија која се поврзува со аерозагадувањето. Освен ова последица од аерозагадувањето можат да бидат и различни видови нарушувања на менталното здравје како што се депресија и анксиозност веројатно поради воспалителните ефекти на загадувачите на мозокот.

„Други ефекти од аерозагадувањето се иритација на очите (непријатност и воспаление), состојби на кожата (стареење на кожата), егзема и псоријаза, алергиски риносинузити, воспаленија на средно уво…Голем дел од загадувачките материи присутни во воздухот се обезогени, односно предизвикуваат дебелина“, појаснуваат од Институтот за јавно здравје.

Кај децата пак кои живеат во близина на области со голема сообраќајна фреквенција постои поголем ризик од развојни проблеми, вклучувајќи намален коефициент на интелигенција и нарушувања во однесувањето.

„Бремените жени изложени на високо ниво на загаденост од сообраќајот имаат поголема веројатност да имаат предвремено породување или бебиња со мала тежина при раѓање. Загадувачите како ПM2,5 и NO2 особено се штетни и влијаат по развојот на фетусот, што доведува до негативни исходи после раѓањето. Децата кои уште интраутерино биле изложени на загаден воздух, по раѓањето особено во првата година имаат почести и повторувачки респираторни заболувања, а исто така доживуваат серизозни циркулаторни заболувања во раното возрасно доба. Некои студии сугерираат дека загадувањето поврзано со сообраќајот може да го зголеми ризикот од вродени дефекти, како што се срцеви малформации кај новороденчињата“, објаснуваат од ИЈЗ.

Според најновиот Извештај на УНИЦЕФ од септември 2024 година, секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е поврзан со загадениот воздух.

Новиот документ за политики на УНИЦЕФ содржи најнови податоци и препораки за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на смртните случаи и здравствените проблеми кај децата поради аерозагадувањето.

Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите темератури, нечистата вода и лошите санитарни услови.

„Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето  во текот на целиот живот. Децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот. Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што децата учат, живеат и си играат“, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Затоа УНИЦЕФ апелира до владите и институциите вклучувајќи ја и Македонија да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.

Според овие препораки, загадениот воздух и неговите ефекти врз здравјето на децата треба да станат дел од Националните утврдени придонеси (НУП), Националните планови за адаптација (НПА), националните и локалните планови за квалитет на воздухот, и националните здравствени планови.

„Треба да се воспостават зони без загадување околу училиштата, градинките и здравствените установи; треба да се постават и да се одржуваат системи за предупредување во врска со квалитетот на воздухот во близина на станбени згради, игралишта, здравствени установи, градинки и училишта, а јавноста треба редовно да се информира за квалитетот на воздухот. Понатаму, треба да се размисли како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место за бремените жени. Конечно, товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со пневмококна конјугирана вакцина (ПЦВ) – кој во Северна Македонија изнесува 56 проценти, што е многу помал опфатод просечните 86 проценти во европскиот регион на СЗО“, се наведува во Извештајот на УНИЦЕФ.

Од Кабинетот на претседателот на македонското Собрание на 19 февруари годинава информираа дека надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство како матично работно тело за расправата откако 20 пратеници од опозицијата поднесоа барање за одржување на надзорна расправа. Дополнително, такво  барање поднесоа и 61 пратеник од владеачкото мнозинство.

Астма, бронхитис, висок притисок…, последици од сообраќајното загадување

Од Институтот за јавно здравје велат дека конкретно, загадувањето од сообраќајот има значителни и сериозни ефекти врз здравјето на луѓето. Загадувачките материи присутни во воздухот кои вообичаено се поврзуваат со емисиите од сообраќајот како што се азот диоксид, суспендирани честички, јаглерод моноксид, испарливи органски соединенија-VOCs и озон, предизвикуваат низа акутни и хронични заболувања. Загадувањето поврзано со сообраќајот е особено штетно за децата и луѓето со веќе постоечки респираторни состојби.

Ако се погледант бројките на хоспитализација на пациенти како и бројот на смртноста се гледа дека загадувачките материи како честичките-ПM2,5 и ПM10, азотниот диоксид-NO2 и приземниот озон може да ги иритираат белите дробови што доведува до појава или влошување на астмата, бронхитисот и други респираторни состојби. Долготрајната изложеност на загаден воздух може да доведе до опаѓање на функцијата на белите дробови, особено кај ранливите групи како што се децата, постарите лица и оние со хронични респираторни заболувања.

„Кај население кое живее во близина на фреквентни сообраќајници е забележан зголемен ризик од инфаркт на миокард, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања. Хипертензијата (покачен крвен притисок) што е фактор на ризик за срцеви заболувања и мозочен удар,  аритмиите (неправилни отчукувања на срцето) исто така се поврзуваат со овој тип на изложеност. Долготрајната изложеност на загадувачи на воздухот, особено на ситни честички-ПM2,5 и бензен-VOCs од издувните гасови од возилата, е поврзана со зголемен ризик од рак на белите дробови и други видови на рак, вклучително и рак на мочниот меур и бубрезите, поради канцерогената природа на одредени компоненти во издувните гасови“, предупредуваат од Инстутот за јавно здравје.

Епидемиолошките студии укажуваат поврзаност помеѓу изложеноста на загадениот воздух и когнитивниот пад, особено кај постарите лица. Загадувачите можат да го оштетат мозочното ткиво и да го забрзаат процесот на стареење на мозокот, што доведува до деменција и други невродегенеративни состојби. Лошиот квалитет на воздухот поради загадувањето од сообраќајот може да придонесе и за стрес и проблеми со менталното здравје. Постојаната изложеност на бучна, загадена средина може да доведе до хронична анксиозност и стрес, што дополнително ги влошува здравствените проблеми.

Скоро 20.000 граѓани годишно заболуваат од аерозагадувањето

Влијанијата на загадениот воздух врз здравјето на населението, можат да се разгледуваат преку следењето на трендовите на атрибутивната смртност, онаа која може да се припише на загадениот воздух, смртноста – општа и специфична (морталитет) и број на заболени (морбидитет) од одредени заболувања кои можат да се поврзат со аерозагадувањето.

Проценките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за влијанијата на загадениот воздух со ПМ честички за периодот 2019-2021 велат дека годишно, Македонија губи 4.175 животи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2,5 честички, што претставува 17 отсто од вкупната смртност во Македонија. Изразено како стапка, на тековните нивоа на аерозагадување се припишуваат 348,4 смртни случаи на 100.000 жители.

„Ова претставува значително повисока стапка споредено со претходниот тригодишен период 2018-2020 година кога стапката изнесуваше 319,4 смртни случаи на 100.000 жители, што се должи на прекумерната смртност за време на ковид-19 пандемијата“, велат од ИЈЗ.

На надминувањето на новата гранична вредност на Светската здравствена организација (СЗО) од 5 микрограми на метар кубен (µg/m3), може да се припишат 3.551 смртни случаи или 14,4 отсто од вкупната смртност, додека на надминувањето на граничните вредности на ЕУ Директивата (20 µg/m3 и индикативната гранична вредност 25 µg/m3)  се припишуваат околу 1.562 и 858 смртни случаи, односно, 6,4 отсто и 3,5 отсто од вкупната смртност.

„Последните проценки од 2024 година кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година изнесуваат 3.493 атрибутивни смртни случаи, што изнесуува 15,7 отсто од вкупната смртност. Изразено како стапка, годишно умираат 291,4 луѓе на 100.000 жители заради тековниот квалитет на амбиентниот воздух. На надминувањето на новата гранична вредност на СЗО од 5 µg/m3, може да се припишат 2.921 смртни случаи или 13,3 отсто од вкупната смртност“, велат од ИЈЗ.

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), највисока стапка на општа смртност од сите причини за смрт, за периодот 2019-2023 година има општина Прилеп, 1.609 починати на 100.000 жители. Исто така и стапката на починати деца под една година е највисока во Прилеп, 599 починати на 100.000 жители како и највисока стапка на починати на возраст постари од 65 години и изнесува 6.203 на 100.000 жители, возрасна група која е под најголем ризик во услови на аерозагадување.

Што се однесува до највисока стапка на смртност од циркулаторни заболувања (кардиоваскуларни и цереброваскуларни) е регистрирана во Општина Велес (710 смртни случаи на 100.000 жители каде е регистрирана и највисоката стапка на смртност од циркулаторни заболувања кај граѓаните постари од 65 години.

Во однос на стапката на смртност од заболувања на дишните патишта, највисоката стапка  на смртност е регистрирана во Општина Велес (67 смртни случаи на 100.000 жители и истата е најголема кај луѓето постари од 65 години и изнесува 279 починати на 100.000 жители.

Вкупниот број на заболени (морбидитет) од одредени заболувања кои најчесто се припишуваат на аерозагадувањето  за период 2019-2023 година изнесува 11,978 заболени на 100.000 жители.

Највисоката стапка на хоспитализации заради сите причини е регистрирана во Општина Велес и изнесува 14,411 пациенти на 100.000 жители каде исто така се регистрира највисоката стапка на деца под една година и деца на возраст од 1-6 години односно 45.682 хоспитализирани бебиња на 100 000 жители и 21.386 деца на 100.000 жители.

Највисоката стапка на хоспитализации заради циркулаторни заболувања (кардиоваскуларни и цереброваскуларни) е регистрирана во Општина Велес и изнесува 1.821 пациенти на 100.000 жители каде се регистрира и највисоката стапка на хоспитализации во најризичната возрасна група постари од 65 години и изнесува 5.369 случаи на 100.000 жители.

Највисоката стапка на хоспитализации заради болести на дишните патишта кај деца под една година и деца на возраст 1-6 години но и кај сите возрасни групи се регистрира во Општина Велес. Стапките се речиси двојно поголеми од останатите градови и просекот во Македонија.

Од градовите со највисоки просечни стапки на нови случаи на рак на бели дробови се регистрирани во Берово, 65,9 случаи на 100.000 жители, Прилеп 63,6 случаи, Гевгелија 59,7 и Крушево 59,6 случаи на 100.000 жители. Во Скопје стапката изнесува 48,5 случаи, во Велес и Кавадарци 51,9 случаи на 100.000 жители.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ