понеделник, 10 февруари 2025

Во иднина сообраќајните прекршоци ќе се пријавуваат и преку смс пораки, најави Тошковски

Нов пристап за сообраќајни прекршоци преку смс известувања и камери на црни точки, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на трибината со наслов „Суштината на проблемот – лоши закони или лоша примена?“. Тој истакна дека се работи на имплементација на нови и ефикасни решенија за подобрување на сообраќајната култура и безбедност, како што е системот „безбеден град“.

Објавено на

часот

Сподели

Според Тошковски, тие решенија ќе обезбедат транспарентност, фер третман за сите прекршители и зголемена ефективност во примената на закони.

„Она што јас како министер за внатрешни работи го говорам и во рамките на техничката влада и особено во рамките на оваа Влада, што се зафати да ги решава проблемите од минатото, е дека кога говориме за сообраќајна култура и сообраќајни прекршоци и нивна примена, слободно можам да кажам дека имаме нефункционален систем што треба да продуцира резултати од интерес за македонските граѓани“, смета Тошковски.

Како што рече министерот, „оставени сме во ситуација каде што вакви грозоморни несреќи го привлекуваат вниманието на јавноста со право“. Според него, гневот кај народот е огромен и народот „со право е гневен“.

„Гневен е затоа што гледа дека слабостите на системот се катастрофални и нормално бара решение“, истакна Тошковски.

Тој рече дека уште од првиот ден на формирањето на Владата се работи на имплементација на системот „безбеден град“, што треба да обезбеди системско решение за проблемите од минатото, каде што сите прекршители ќе бидат евидентирани и ќе се преземат соодветни мерки.

„Од првиот ден на формирањето на оваа Влада, работиме на имплементацијата на системот ‘сејф-сити’, што треба да продуцира решение за проблемите од минатото. Со имплементацијата на ‘сејф-сити’, овие проблеми, што се наталожени во минатото, треба да бидат процесирани во рамки на едно системско решение, решение каде не ќе може да влијае никој, туку секој прекршител, кој ќе вози со недозволена брзина, ќе паркира на забрането место или ќе управува нерегистрирано возило, ќе биде евидентиран од самиот систем и ќе се преземат соодветни мерки“, додаде Тошковски.

Министерот истакна дека најголемиот проблем при имплементацијата на проектот се судовите, бидејќи судската заштита за секој прекршок што бара одземање дозвола или поголема глоба е неизбежна, а бројките на сообраќајни прекршоци се катастрофални.

„Повторно ќе се соочиме со најголемиот проблем во имплементацијата на овој проект, а тоа се судовите. Согласно Устав, знаеме дека мора да има судска заштита за секој прекршок што бара одземање возачка дозвола или изрекување поголема глоба и тоа не можеме да го прескокнеме. Кога имаме бројка од 19 илјади луѓе кои управувале моторно возило без возачка дозвола и никогаш не ја положиле, факт е дека бројките се катастрофални и континуирано се лоши многу години наназад“, додаде Тошковски.

Тој се осврна и на поставувањето камери на „црни точки“ за зголемување на сообраќајната култура и спречување прекршоци.

„Добро е што Владата одвои средства за имплементација на овој проект не само во Скопје, Куманово и Тетово, туку на територија на цела Македонија. Битолчани, стружани и велешани заслужуваат современ систем што ќе ја зголеми сообраќајната култура. Секојдневно темелно работиме на поставување камери на местата каде што треба да бидат поставени, најголем дел од нив на „црни точки“ што веќе ги констатиравме во минатото. Кога возачите ќе знаат дека има камера што ќе го констатира секој прекршок, не верувам дека во иднина ќе си дозволат да развиваат брзини трипати поголеми од пропишаните“, рече Тошковски.

Според министерот, постои сериозен проблем во судската пракса, каде што понекогаш, казните за прекршочни дејствија што доведуваат до загуба на живот, се премногу благи.

„Јас лично, а и врз основа на сите анализи, гледам огромен проблем во судската пракса, во квалификацијата на одредени дејствија од страна на обвинителите и изрекувањето на санкциите од страна на судовите. Како министер за внатрешни работи, не би требало да навлегувам во конкретни судски пресуди, но, факт е дека имаме пресуди каде што дошло до загуба на човечки живот, а некои луѓе, додека биле во затвор, сториле таков тип на прекршок и за тој прекршок добиле казна од шест месеци затвор“, изјави Тошковски.

Тошковски истакна дека еден од најголемите проблеми е селективната примена на законите, каде што казните се различни во зависност од тоа дали јавниот интерес бил транспарентно споделен.

„Еден од најголемите проблеми е селективната примена на законските одредби во зависност од тоа дали одредено лице требало да му се удовли во минатото или не. Онаму каде што јавниот интерес бил транспарентно споделен, може да се забележи дека казните се сразмерни. Таму каде што тоа не било случај, прекршителите се излекуваат со казни што се несразмерни во споредба со другите, истакна Тошковски.

Министерот рече дека се предвидува ефикасна постапка со смс известувања за прекршок, каде прекршителот ќе може да потврди прекршок со линк и слика во рок од 24 часа.

„Предвидуваме ефикасна постапка за комуникација помеѓу прекршителот и МВР, каде што прекршителот ќе добие СМС известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со што ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок“, дециден беше Тошковски.

Тој додаде дека имплементацијата на практични решенија ќе донесе подобри резултати што ќе значат спасени човечки животи.

Пратеникот Љупчо Пренџов испрати порака дека потребно е да започнат промените во нашата држава, но и ние како општество да започнеме да ги почитуваме законите за да владее правдата.

„Треба да започнеме да ги истакнуваме промените. Да биде нормално секој кој направил работа што е забранета согласно закон да одговара со казните пропишани во законот, сите да бидеме еднакви пред законите и само така ќе имаме едно општество во коешто ќе имаме многу попозитивни вести и ќе имаме многу подобра енергија“, заклучи Пренџов.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова истакна дека неопходни се транспарентност, анализа и одговорност на судиите пред Судскиот совет кои не го применуваат правото според законот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ