петок, 31 јануари 2025

Во голема операција на Европол низ Европа 418 лица се уапсени поради фалсификувани лекови

Операцијата на Европол од април до ноември минатата година резултираше со повеќе од 400 апсења проади трговија со фалсификувани лекови, јавува Анадолу.

Фото: Европол

Објавено на

часот

Сподели

Истражителите од повеќе земји, предводени од Европол, уапсија 418 осомничени во операција против трговија со фалсификувани лекови и недозволени супстанци, соопшти европската полициска канцеларија.

Истовремено, тие ги повикаа потрошувачите да бидат особено внимателни при ваквите набавки преку интернет.

Операцијата беше спроведена од француски, грчки, италијански и шпански служби за спроведување на законот, а координирана од Европол. Рациите се одвивале во 30 земји меѓу април и ноември минатата година.

Истражувале 52 организирани криминални групи и заплениле стока вредна повеќе од 11 милиони евра.

Во рациите биле запленети повеќе од 400.000 пакувања „нелегални лекови“, приближно 175.000 шишенца и ампули и повеќе од 4,5 милиони таблети, вклучително и лекови против болки, лекови против рак и допинг и психотропни супстанции. Откриени се и демонтирани четири подземни лаборатории.

„Трговијата со фалсификувани лекови е во пораст во ЕУ, што предизвикува огромни трошоци за поединецот и општеството“, соопшти Европол.

Тие додаваат дека организираните криминални групи продаваат супстандардни, погрешно означени или фалсификувани фармацевтски производи, како и производи пренасочени од легитимни малопродажни синџири.

Европол предупредува на клучната улога на социјалните медиуми и онлајн продавниците, и легални и на дарк веб, во продажбата на фалсификувани фармацевтски производи и ги повикува потрошувачите да бидат внимателни кога купуваат онлајн.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ