четврток, 26 декември 2024

Во Германија е воведен закон кој овозможува промена на полот и името еднаш годишно

Закон за самоопределување стапи во сила од вчера во Германија, а тој им овозможува на граѓаните со давање изјава во матичната служба еднаш годишно да го променат името и полот во женско, машко или различно, што е опција за трет пол кој веќе постои според германскиот закон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар со бројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.

На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години, родителите треба да поднесат изјава до матичната служба.

Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.

„Со спроведувањето на Законот за самоопределување, едноставната промена на полот и името конечно стана реалност“, изјави германската министерка за семејство, стари лица, жени и млади Лиза Паус, членка на Зелените.

Германскиот квир комесар Свен Леман, исто така од Зелените, рече дека Германија се приклучила на групата земји кои им дозволуваат на луѓето да го менуваат полот и името без притоа да се гледаат како болни лица.

Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.

Со стапувањето во сила на Законот за самоопределување во Германија се укинува контроверзниот Закон за транссексуалци од 1980 година, кој пропишува долга процедура за промена на полот во документите. Тоа значи и два психолошки извештаи, од кои секој чинел по илјада евра, а во кои требало да се одговори на бројни „премногу интимни“ прашања. Федералната влада оцени дека повеќе нема оправдување за тоа.

Според новиот закон, полот во документите ќе може да се менува и без „вистинска“ промена на полот. Министрите кои го претставија новиот закон велат дека не очекуваат многу луѓе да ја искористат можноста за промена на полот во неколку наврати и сметаат дека тоа ќе биде само 1 до 1,5 отсто од луѓето.

За промена на регистрацијата на полот и името, доволна е само изјава во матично – без извештаи, лекарски уверенија или судски наредби.

Регистрацијата трае три месеци. Апликациите за промена се можни од август. Според истражувањето на весникот Билд, околу 6.000 луѓе веќе се пријавиле дека сакаат да го променат полот кога ќе стапи на сила новиот закон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ