ФФМ во соопштението го потврди незадоволството на Управниот одбор од работата и резултатите на селекторот Благоја Милевски, но ќе го остави да ја води селекцијата до ноември кога завршуваат квалификациите, а со тоа завршува и неговиот договор.
„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница дискутираше во однос на работата и постигнатите резултати на македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски.
Управниот одбор на ФФМ го почитува начелото „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кои го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.
Меѓутоа, имајќи ги в предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година.
Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи. ФФМ во следниот период ќе го даде најдоброто решение за репрезентацијата“, се вели во соопштението на ФФМ.
Оваа одлука веројатно е донесена од логична причина, доколку Милевски добие отказ ФФМ ќе треба да му исплати обесштетување за раскин на договорот. Во квалификациите ионака немаме шанси поради нашите досегашни резултати и тежината на групата, па кој и да дојде нема да донесе успех, а договорот на актуелниот селектор истекува за три месеци.
Останувањето на Милевски значи дека капитенот Стефан Ристовски нема да настапува до крајот на квалификацискиот циклус, не се исклучува можноста и други фудбалери да го следат неговиот пример и да одбијат повик.